Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Буџетот за 2027 година е буџет на долгови, камати и економско назадување

Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, на која се расправаше за Предлог-буџетот за 2027 година, порача дека Владата бара доверба за управување со над 440 милијарди денари јавни средства, а притоа не покажува ниту транспарентност ниту институционална одговорност за скандалот со Алта банка. Посочувајќи ја паралелата со случајот Алта банка, Битиќи истакна дека зад двете теми се препознава истата логика на нетранспарентни интереси, политички влијанија и избегнување одговорност.

Тој посочи дека Буџетот за 2027 година претставува продолжување на економски модел кој ги исцрпува развојните можности на државата, ги зголемува долговите и ги става во втор план инвестициите и потребите на граѓаните.

Вкупните расходи од 440,44 милијарди денари, дури 399,62 милијарди се тековни расходи, а само 40,82 милијарди денари се капитални расходи, што покажува дека Владата речиси 91% од парите ќе ги троши за тековно функционирање, додека само 9,3 % за капитални вложувања.

Особено загрижувачки како што кажа Битиќи, е растот на средствата за камати, кои се зголемуваат за 18,2 %, наспроти капиталните расходи кои растат за само 1,7 %.

„За секој дополнителен денар планиран за капитални инвестиции, се предвидуваат приближно пет и пол дополнителни денари за камати. Доаѓаме до една од најважните економски пораки што произлегуваат од самиот Буџет, а тоа е дека товарот од сервисирањето на јавниот долг расте многу побрзо од новите вложувања во економската иднина“, рече Битиќи.

Битиќи предупреди дека јавниот долг достигна 10,93 милијарди евра, наспроти 8,48 милијарди евра на крајот на 2023 година, што се дополнителни 2,45 милијарди евра задолжување, односно раст од речиси 29 % за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Денес, пресметано по жител, јавниот долг достигнува приближно 6.000 евра за секој граѓанин, вклучително и за секое новородено дете“, рече Битиќи.

Тој посочи дека власта манипулира и се обидува статистичката корекција на БДП да ја претставува како економски успех и намалување на јавниот долг и додаде дека и покрај тоа што процентуалното учество на долгот во БДП е намалено, апсолутниот износ на долгот продолжува да расте.

„Државата должи повеќе, а процентуално изгледа помалку задолжена. Ова е политичка манипулација, една статистичка операција се претставува како резултат на фискална консолидација. Никој не ја оспорува методологијата на Државниот завод за статистика, но ревизијата не отплатила ниту едно евро од јавниот долг, односно истиот останува по 6.000 евра по жител. Каматите остануваат“, рече Битиќи.

Тој укажа и на несоодветната структура на приходите и расходите. Во споредба со ребалансот за 2026 година, Владата планира 21,25 милијарди денари повеќе приходи, но речиси 20 милијарди денари дополнителни расходи. Дефицитот се намалува за само 1,26 милијарди денари.

Битиќи предупреди и дека предложениот дефицит од 3,5 проценти од БДП го надминува основното законско правило од три проценти, а Владата мора да даде конкретни аргументи за отстапувањето и неговото економско оправдување.

„Светската банка, применувајќи сопствена методологија, проценува дека во 2027 година вклучувањето на Јавното претпријатие за државни патишта го зголемува проектираниот дефицит од 4 на 4,4 проценти од БДП. Владата проектира економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 проценти. Но според октомвриските проекции на ММФ, растот би изнесувал 3,2 проценти, а инфлацијата 4,5 проценти. Светската банка предвидува уште понизок раст, од три проценти и инфлација од 3,6 проценти. Макроекономскиот оптимизам не може да биде замена за финансиската неподготвеност. Затоа и Фискалниот совет бара подготовка на алтернативно буџетско сценарио, што е сериозно предупредување за потребата од поголема претпазливост“, рече Битиќи.

Во образложението Битиќи посочи дека Буџетот мора да се оценува и според тоа дали им овозможува на граѓаните достоинствен живот, а реалноста покажува дека работниците сè потешко можат да ги покријат основните трошоци. И во новиот буџет нема повисока минимална плата.

„Во октомври минималната синдикална кошница достигна 70.358 денари, а само храната за едно четиричлено семејство чини 26.170 денари, повеќе од минималната плата од 26.046 денари. Денес човек со минимална плата не може да ја обезбеди ни основната исхрана за своето семејство, а ни две минимални плати не се доволни за покривање на основните месечни трошоци. Економија во која чесниот труд не обезбедува достоинствен живот има сериозен социјален и развоен проблем. И затоа предложивме минимална плата од 600 евра, придружена со мерки што ќе ја зајакнат продуктивноста и ќе ги поддржат малите работодавачи. Бидејќи држава во која луѓето работат, а не можат достоинствено да живеат, не смее да го претставува преживувањето како економски успех“, рече Битиќи.

Во однос на развојните политики, Битиќи посочи дека Владата ги запоставува домашните мали и средни претпријатија, кои сочинуваат 99,8 % од деловните субјекти и за нивната развојна потпрограма се планирани само 15,34 милиони денари, додека за финансиска поддршка на инвестициите се предвидени 1,06 милијарди денари.

„Ова значи дека домашните компании се статистичко мнозинство во економијата, а периферија во политиките на Владата“, рече Битиќи.

Притоа, Битиќи порача дека овој буџет не е достоен за поддршка и пратеничката група на СДСМ и коалицијата нема да го поддржи.

„Најсериозниот приговор кон овој буџет е што со јавните пари се купува време за постојниот економски модел, додека на граѓаните им се одзема времето за развој, напредок и нови можности. И затоа сметам дека овој буџет не е достоен ниту за да се поддржи, ниту да се даде било каква позитивна оценка. Се додека не видиме вистински насоки во вистинска борба за корупција и криминал, кое е олицетворение на оваа Влада, вистински реформи во секој еден сектор за да се дадат нови можности на новите генерации, буџет предводен од ВМРО и нивната клика, нема да се поддржи“, рече Битиќи.

Можеби ќе ве интересира

МУ ИСПРАЌАЛ ЗАКАНУВАЧКИ СМС-ПОРАКИ – Кривична пријава против 67-годишен жител на Дебар

ДЕСК

ТРОЈЦА СО ДРВЕНИ ПАЛКИ НАПАДНАЛЕ 26-ГОДИШЕН ОХРИЃАНЕЦ – Кривична пријава за насилство на улица во Струга

ДЕСК

СО „ГОЛФ“ НА МАГИСТРАЛЕН ПАТ БЕЗ ПОЛОЖЕН ВОЗАЧКИ ИСПИТ – Полицијата приведе 20-годишник од Струшко

ДЕСК