ИНТЕГРАЛЕН ТЕКСТ ОД ОБРАЌАЊЕ ВО СОБРАНИЕ на Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
Денеска не расправаме само за табели, колони и милијарди денари.
Расправаме за тоа како државата ќе ги исполни своите обврски, како ќе создава економски можности и пред се, што конкретно треба да се промени на подобро во животот на граѓаните во 2027 година.
Дали пензионерот ќе има сигурна пензија? Дали младиот човек ќе има поголема шанса за работа? Дали пациентот ќе добие подобра здравствена услуга, а родителот подобри услови за своето дете? Тоа е вистинскиот критериум според кој треба да го оценуваме овој буџет. Ова е Буџет кој решава проблеми, создава развој, повисоки плати, пензии, стипендии. Буџет за проекти и развој. Но, за да зборуваме за нови можности, најпрво мора отворено да зборуваме за обврските.
Државниот буџет не почнува од нула на 1 јануари. Тој ги носи и долговите што доспеваат, каматите што мора да се платат и потребата јавните финансии да останат стабилни. Во 2027 година доспеваат обврски за сервисирање и рефинансирање на долг во поширок износ од околу 124,6 милијарди денари, односно приближно две милијарди евра. Во директниот буџетски приказ, само за отплата на главнина се предвидени 64,7 милијарди денари: 46,5 милијарди за надворешен и 18,1 милијарда за домашен долг. Ова не се нови проекти, ова се обврски што мора навреме да се исполнат.
Особено треба да се нагласи еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година, која доспева за отплата во 2027 година. Само за камати, пак, се планирани 24,9 милијарди денари, или околу 405 милиони евра. Тоа се околу 62 милиони евра повеќе од 2026 година, односно раст од 18,2%. Каматата е цена на задолжувањето, а секој денар потрошен за камати е денар што не може да се насочи кон друга јавна потреба, што значи дека вкупниот обем на плаќања за главнина и камати, во поширокиот опфат, достигнува приближно 2,43 милијарди евра. За 2027 и 2028 година ќе треба да се обезбеди ликвидност од околу пет милијарди евра: приближно 2,4 милијарди во првата и 2,7 милијарди во втората година.
Тука не станува збор само за отплата на главнина, туку и за рефинансирање, камати и покривање на буџетските дефицити. Затоа нашата обврска е истовремено да ги исплаќаме доспеаните долгови и постепено да ја намалуваме потребата од ново задолжување. Долгови создадени, во некое друго време. Токму затоа е важна фискалната рамка за 2027 година.
Вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, или 5,7% повеќе во однос на ребалансот за 2026 година. Расходите изнесуваат 440,4 милијарди, со раст од 4,8%. Буџетскиот дефицит се намалува од 4,1 на 3,5% од БДП.
Дополнително, примарниот дефицит, односно дефицитот без каматите, се намалува за околу 5,1 милијарда денари.
Тоа е важно бидејќи покажува подобрување на основната буџетска позиција и покрај растечкиот трошок за сервисирање на долгот. Фискалната дисциплина не е апстрактно правило: таа е предуслов да има пари за редовни пензии, плати, здравство и инвестиции. Ќе се постави прашањето дали приходите за 2027 година се реално проектирани ? Одговорот мора да го бараме во бројките.
Во буџетската рамка за 2025 година даночните приходи беа предвидени на 192,1 милијарда денари; за 2027 година се проектирани 223,1 милијарда. Тоа е разлика од над 31 милијарда денари, односно 16,2 проценти.
Во однос на ребалансот за 2026 година, проектираниот раст е 6,4%.
Најважно, постои и потврда од тековната наплата: во периодот јануари–септември 2026 година даночните приходи се повисоки за 8,5% во споредба со истиот период од 2025 година, а за дури 15,5% повисоки од 2024 година, односно речиси 330 милиони евра повеќе приходи од данок, споредено со истиот период пред 2 години. Во 2027 година само од ДДВ се планирани 100,4 милијарди денари, од данок на личен доход 42 милијарди, а од данок на добивка 27,5 милијарди денари. Проекцијата има економска основа, ако ги гледаме досегашните резултати на оваа Влада.
На таа основа се надоврзуваат реалните економски показатели.
Во првото полугодие од 2026 година економијата порасна за 3,7%, а во вториот квартал растот достигна 4,3%. Во првите девет месеци капиталните расходи се реализирани во износ од 25,3 милијарди денари, што е 23,9% повеќе од истиот период лани. Во првото полугодие странските директни инвестиции достигнаа 279,1 милион евра, односно 52,3% повеќе од претходната година. Ова се два различни временски периода, но и два конкретни показатели за инвестициската активност.
За 2027 година е проектиран економски раст од 3,8%, а растот на бруто-инвестициите е планиран на 6,8%. Тоа е цел што же ја оствариме со многу работа. Го докажавме тоа. За капитални проекти во самиот буџет се предвидени 40,8 милијарди денари, околу 663 милиони евра. Капиталните инвестиции се еден од најважните делови на Буџетот, затоа што преку нив не финансираме само инфраструктура, туку создаваме услови за побрз економски развој, нови работни места и поквалитетен живот на граѓаните. Покрај 40,8 милијарди денари капитални расходи во Буџетот, за 2027 година се предвидени и 18 милијарди денари инвестиции преку Јавното претпријатие за државни патишта, средства што се планираат надвор од директната буџетска капитална рамка.
Од нив, над 12 милијарди денари се проектирани за изградба на делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, како дел од Коридорите 8 и 10д. Продолжува изградбата и на автопатските делници Кичево–Охрид, Кичево–Букојчани и Скопје–Блаце, со што треба да се подобрат патната безбедност, регионалната поврзаност и условите за транспорт на луѓе и стоки. За програмата за железничка инфраструктура се предвидени 6,2 милијарди денари, односно 53,6% повеќе од 2026 година, со цел модернизација на железничкото поврзување и надминување на долгогодишните инфраструктурни ограничувања.
Особено значајно е продолжувањето на изградбата на железничката делница Бељаковце–Крива Паланка, како и планираниот почеток на активностите за делницата Крива Паланка–граница со Бугарија, со што се отвора перспектива за посилно железничко поврзување со европските транспортни коридори.
Предвидени се и изградба и опремување на заедничката железничка гранична станица Табановце, како и започнување на проектот за набавка на дополнителни локомотиви, затоа што конкурентна економија не може да се гради со застарена транспортна инфраструктура.
Во комуналната инфраструктура продолжуваат проектите за пречистителни станици во Скопје, Тетово и Битола, а се планираат активности и во Велес, Штип и Виница, со очекувани придобивки за животната средина, водните ресурси и здравјето на граѓаните.Инвестициите продолжуваат и во изградба и реконструкција на училишта и фискултурни сали, енергетска ефикасност на студентските домови, модернизација на системите за наводнување и енергетска инфраструктура, бидејќи развојот мора да биде видлив и во образованието, земјоделството и локалните заедници. На крајот, успехот на капиталните инвестиции нема да го мериме само со милијардите што сме ги предвиделе, туку со изградените километри патишта, подобрените железнички врски, почистата животна средина, подобрите јавни услуги и новите економски можности што граѓаните навистина ќе ги почувствуваат.
Посебно значење има владината програма „Економски развој“, за која се планирани 9,7 милијарди денари, односно 30,5% повеќе од 2026 година.
Тука се средствата за железнички инвестиции, за поддршка на инвестициски вложувања, за финансиска поддршка на инвестициите и за привлекување нови вложувања. За граѓаните овие позиции треба да значат повеќе деловна активност, посигурни работни места и подобри можности за домашните компании да растат. Економскиот раст треба да се чувствува и надвор од големите индустриски центри.
За модернизација на земјоделството, во соодветната развојна потпрограма, се планирани 403,5 милиони денари, што е 150,8% повеќе од 2026 година. За програмата за наводнување се предвидени дополнителни 392 милиони денари. За земјоделците тоа треба да значи посовремено производство, подобра искористеност на водата и посигурни услови за работа. Поддршката на стопанството не е само прашање на една програма.Во Министерството за економија и труд се зголемуваат и средствата за финансиска поддршка на инвестициите, а програмата за контрола на пазарот расте за 18,3%, на 332 милиони денари. Потребна ни е економија во која компаниите имаат услови да инвестираат, а потрошувачите институции што доследно ги штитат нивните права.
Еден од најдиректните одговори на прашањето што добива граѓанинот се можностите за работа. За активни мерки за вработување во 2027 година се планирани 2,9 милијарди денари, 20,8% повеќе од 2026 година.
Во рамките на тоа, преку Агенцијата за вработување, за поттикнување на вработувањето се предвидени 2,7 милијарди денари, или околу 44,6 милиони евра, со раст од над 21%. Тука е и финансиската основа за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, како и поддршката за вработување лица со попреченост. Што значи тоа во секојдневието?
За невработениот човек — можност за обука, самовработување или нова работа, за младите — шанса полесно да влезат на пазарот на труд, за работодавачите — поддршка да создаваат работни места. Секој денар ќе треба да го мериме и според тоа колку луѓе навистина добиле одржливо вработување.
Во оваа година на внимателно планирање мора да го имаме предвид и животниот трошок. За 2027 година е проектирана инфлација од 3,2%. Затоа бројките за плати, пензии и социјална поддршка мора секогаш да се гледаат и низ куповната моќ на граѓаните. Номинално поголем износ не е доволен ако услугите не се подобрат или ако трошоците растат побрзо. И наредната година ќе имаме најниска инфлација во регионот. За пензионерите, најважна е сигурноста дека пензиите ќе се исплаќаат редовно.
За 2027 година се планирани 123,8 милијарди денари за пензии, за 5,6 милијарди повеќе од 2026 година. Ова е значајна обврска на државата, но и прашање на достоинство на луѓето што со децении работеле и придонесувале.
Паралелно, за социјални надоместоци се планирани 14,3 милијарди денари, средства што мора да стигнуваат навремено до оние на кои им се најпотребни.
Што ќе добие пациентот? Во буџетската рамка за здравствена заштита се предвидени 58,7 милијарди денари, или 2,8 милијарди повеќе од 2026 година.
Само за медицинска опрема на јавните здравствени установи се планирани 198 милиони денари, со раст од 53,7%.
Од нив, 115 милиони денари се за набавка на нови медицински возила, што е 65% повеќе, а за проектот за нови клинички центри во Скопје и Штип се планирани 65 милиони денари. Целта не смее да биде само набавена опрема, туку подостапна услуга, пократко чекање и поквалитетно лекување.
Што ќе добијат граѓаните кои имаат потреба од детска заштита ?
За изградба, опремување и одржување на градинки се предвидени 83,2 милиони денари, што е за 380% повеќе во однос на 2026 година. Тоа треба да се претвори во подобри услови во градинките и повеќе можности родителите да го усогласат семејниот со работниот живот.
Вложувањето во детската заштита е и вложување во економската активност на родителите. Во Образованието, во рамките на програмите на Министерството за образование и наука, средствата за основно образование се зголемуваат за 20,6%, на 2,4 милијарди денари, а за средно образование за 12,4%, на 2,5 милијарди. За ученички стандард се предвидени 696 милиони денари, раст од 12,3%, а за студентски стандард 1,9 милијарди, раст од 7,2%. Предвидени се и средства за довршување на објектите на ФИНКИ и изградба на објект за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Тука резултатот треба да се мери во подобри услови за учење и студирање.
И ова ќе биде нашето наследство. Ние нема да ветуваме студентски градови, а да оставиме рушевини. Ќе градиме нови факултети, ќе продолжиме со реконструкција на студентски домови и да, ќе имаме нов модел за Студентски оброк кој ќе биде подобар и драстично повисок него овој сега. На граѓаните им треба и инфраструктура што им го олеснува секојдневието. За набавка на автобуси за јавен градски превоз се планирани 1,7 милијарди денари, со можност за понов и поеколошки превоз. Продолжуваат вложувањата во Коридорите 8 и 10д, патните и железничките врски и локалната инфраструктура. Секој завршен пат значи побезбеден сообраќај, секоја подобра железничка врска значи побрза поврзаност, а секој нов автобус треба да значи поквалитетен јавен превоз.
Во 2027 година ќе има обновување на товарниот железнички превоз, односно ќе се набават нови локомотиви. За општините се планирани 36 милијарди денари тековни трансфери, а средствата од ДДВ-дотациите растат за 7,7%.
Тоа е финансиска основа за исполнување на локалните надлежности, но и обврска секоја општина да покаже подобра услуга. Со проектите за водовод, канализација, третман на отпад и енергетска ефикасност, подобриот живот ќе стане видлив и во населбата, во училиштето и на улицата пред домот.
Во културата, средствата растат за 16,8%, на 7,2 милијарди денари, а капиталните расходи за повеќе од 140%, на 1,3 милијарди.
Тоа е простор за објекти, опрема и културна инфраструктура, вклучително и капитални дотации кон општините. Културата не е спореден трошок: таа е дел од квалитетот на животот, идентитетот и достапноста на јавните содржини.
Таа е нашиот идентитет. Посебно внимание заслужува и дигиталната инфраструктура. Развојните средства на Министерството за дигитална трансформација се зголемуваат за 42%, на 484 милиони денари. Кога институциите ќе бидат подобро поврзани, а постапките поедноставени и транспарентни, граѓаните и компаниите треба да трошат помалку време на административни процедури. Токму тоа е мерката за успешна дигитализација — не бројот на набавени системи, туку услугата што граѓанинот ќе ја добие.
Безбедноста и институционалната стабилност се исто така дел од животниот стандард.
Во Одбраната продолжуваат средствата за модернизација на Армијата, со планирано зголемување на платите од 10 проценти од 1 јануари 2027 година, паралелно со новиот колективен договор и можноста професионалните војници да продолжат со работа во системот на одбраната и по 45-годишна возраст. Како и со историското реконстриурање на армиските капацитети.
Во Министерството за внатрешни работи капиталните расходи се зголемуваат за 19,1%, а за набавка на возила се предвидени 70 милиони денари, 45,2% повеќе.
Опремените служби треба да значат подобра подготвеност и поквалитетна услуга за граѓаните. За судската власт се предвидени 3,4 милијарди денари, што е раст од 15,3%, а за Јавното обвинителство 965 милиони денари, 8,9% повеќе. Но тука очекувањата мора да бидат особено јасни: независно и неселективно постапување, побрзи постапки и конкретни резултати во борбата против криминалот и корупцијата. Поголем буџет не е замена за одговорност; тој ја зголемува обврската за резултати.
Почитувани колеги,
На крајот, сакам да се вратам на суштинското прашање: Што ќе добијат граѓаните од Буџетот за 2027 година?Одговорот е во приоритетите што ги поставуваме: 123,8 милијарди денари за пензии, 58,7 милијарди денари за здравствена заштита, речиси 2,9 милијарди денари за активни мерки за вработување и 40,8 милијарди денари за капитални инвестиции.Но зад овие бројки стои нешто многу поважно.
Стои пензионерот кој очекува сигурна и достоинствена старост. Стои работникот кој очекува неговиот труд да биде подобро вреднуван. Стои младиот човек кој сака својата иднина да ја гради тука, во Македонија. Стои родителот кој сака неговото дете да учи во подобро училиште. Стои пациентот кој заслужува навремена и квалитетна здравствена заштита.Тоа е вистинската смисла на Буџетот — државните пари да создаваат подобри услови за животот на луѓето.
Почитувани колеги,
Предизвиците се големи, обврските се сериозни, но потенцијалот на Македонија е уште поголем.Затоа не смееме да се задоволиме со управување со секојдневните проблеми. Мораме да создаваме услови за економија што расте, компании што инвестираат, работни места што се подобро платени и институции што им служат на граѓаните. Нашата амбиција не смее да биде само следната година да биде малку подобра од претходната.
Нашата амбиција мора да биде Македонија да стане држава во која младите ќе гледаат перспектива, семејствата ќе чувствуваат сигурност, а секој човек што чесно работи ќе има можност да напредува. И затоа јас ќе го поддржам овој Буџет.
Буџетот сам по себе не гради патишта, не отвора работни места и не ги подобрува јавните услуги. Тоа го прават институциите со одговорна работа, со навремена реализација и со резултати за кои мора да одговараат.
И токму затоа, во 2027 година, успехот нема да го мериме само со усвоениот Буџет, туку со она што ќе го испорачаме. Помалку оправдувања, повеќе завршени проекти. Помалку изгубено време, повеќе искористени можности. Помалку зборови за иднината, повеќе конкретни дела што ја создаваат. Бидејќи граѓаните со право очекуваат повеќе од нас.
Очекуваат нивниот живот да оди напред. Очекуваат државата да напредува. Очекуваат Македонија да го искористи својот потенцијал. И тоа мора да биде нашата најголема обврска — Македонија да не биде само држава во која живееме, туку држава во која се повеќе вреди да се живее, да се работи, да се создава и да се остане. Затоа работиме секоја минута, секој час, секој ден – од првиот наш ден како власт.
Тоа е целта кон која треба да не води Буџетот за 2027 година.
За посилна економија. За подостоинствен живот.
За Македонија што оди напред !
фото: Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ


