Западен Балкан не може бесконечно да останува во состојба на неизвесност за својата европска иднина. Ова беше една од пораките на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Парискиот мировен форум, каде што учествуваше во дискусија посветена на суверенитетот и хибридните закани.
Во своето обраќање, претседателката посочи дека периодите на геополитички промени создаваат ризик од празнина во политичкото влијание. Според неа, земјите од Западен Балкан не треба да се третираат како периферија, туку како составен дел од европскиот простор и неговата иднина.
Таа оцени дека европската интеграција може да помогне за зајакнување на демократските институции и отпорноста на регионот. Посебно внимание посвети и на младите, нагласувајќи дека нивното учество во донесувањето одлуки е неопходно за функционирањето на современите општества.


