Министерството за финансии апсолутно немало никакво учество при превземањето на банката, ниту како Министерство за финансии сме помогнале да се случи продажбата и сопственикот да се стекне со мнозинскиот пакет, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Kочоска во рамки на Надзорната расправа во Собранието посветена на причините за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“.
Таа потсети на постапките што се преземени од страна на Народната банка, Комисијата за хартии од вредност до објавување на јавната понуда на 11 септември и дека на 23 септември имајќи ја предвид јавната понуда на Владата се дискутира на тема на тоа дали во државата има одредени институции кои што имаат акции во оваа банка.
„На 1 септември Народната банка дава претходна согласност за квалификувано учество. Што значи тоа? Тоа значи дека до 1 септември целокупната постапка околу лиценцирање на лицата, банка или било физички лице, тоа Народната банка си знае, го имала завршено. На 10 септември Комисијата за хартии од вредност дава дозвола за јавна понуда за превземање, којашто јавна понуда за превземање, односно јавна понуда и проспект, се објавени на 11 септември. Во таа јавна понуда и во тој објавен проспект, стои датум, кој што вели дека секој оној кој што е заинтересиран да ги продаде акциите, има обврска тоа да го направи до 10 октомври, што значи дека нема апсолутно никаква врска со претходните изнесувања, дека записникот бил поврзан со некакви датуми, туку исклучиво со датумот кој што стои во јавната објава, повторно тоа е на Македонска берза. На 19 септември имаме објава во Службен весник, согласно која, сопственикот се стекнал со 74 и нешто проценти, на сопственост иако прагот на успешност во тој период бил 70%. Значи, до овој момент постапката се одвива, така што Народната банка е вклучена, Комисијата за хартии од вредност, заинтересираната банка и тука веќе имаме објава во Службен весник дека продажбата е успешно завршена“, појасни министерката.
При тоа посочи на информацијата од седницата на Владата во која од страна на Министерството за финансии е објаснета постапката, но при тоа да се има предвид дека станува збор за изборен период. При тоа таа се повика на записник од владината седница.
Министерката повтори дека клучниот момент е фактот дека Министерството за финансии апсолутно немало никакво учество при превземањето на банката, купување, коешто завршува на 19 септември и е објавено во Службен весник, од каде што ние во Министерството, всушност, ги добивме и информациите, па врз основа на тоа почнаа постапките за да видиме дали прво државата има некаква сопственост и да предупредиме дека имаме избори и дека немаат можност да вршат продажба“, истакна министерката.
Таа заклучи дека во однос на надлежност како Министерство за финансии, Министерството апсолутно нема никаква надлежност во целата постапка за продажба, затоа што ние, освен тоа што го подготвуваме и предлагаме законот, кој преку Владата се усвојува во Собранието во конкретната ситуција немаме никава надлежност бидејќи целата контрола, супервизија и надзор на банкарското работење е од страна на Народната банка.
фото Министерство за финансии


