Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Левица: Трети по фемициди, над европскиот просек по полицајци – додека жените во Македонија умираат, власта ги чува во фиока измените на Законот за заштита од семејно насилство

Соопштение на Левица:

Македонија има околу 560 полицајци на 100.000 жители, наспроти европскиот просек од приближно 340, а сепак сме на третото место во Европа по стапката на убиства на жени од интимни партнери. Во оваа противречност е содржано едно од најтешките прашања за Панче Тошковски – како држава со толку бројна полиција не успева да воспостави ефикасна заштита од насилството врз жените?

И Европската комисија во Извештајот за 2026 година констатира сериозни недостатоци во пријавувањето, истрагите и кривичното гонење на родово базираното насилство, недоволни специјализирани услуги, нефункционални сервиси и недостиг од финансиски и човечки капацитети. Панче Тошковски мора да одговори каде е полицијата кога жените алармираат за заштита и помош од државата. Колкумина од службениците се обучени за проценка на ризик од фемицид? Колку пријави за повторено насилство се третирани како високоризични? И каде се резултатите од најавеното зајакнување на системот?

Досегашните грозоморни случаи на фемицид се показател за последиците од пропустите во полициското постапување. И покрај претходните пријави и можноста институциите да интервенираат, овие жени ги загубија животите. Во случајот со Росица од Велес, кај 11 полициски службеници беа утврдени неправилности во постапувањето, но досега нема соодветна судска разрешница за нивната одговорност. Наместо сериозна одговорност за пропустите во заштитата на жртвите, следуваат дисциплински постапки и санкции, додека последиците за жените се неповратни.

По трагедијата со Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја, Владата најавуваше итни промени, законски интервенции и засилена координација. Работната група подготви измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со решенија за побрзо постапување на институциите и поефикасна заштита на жртвите. Предлог-измените се доставени до Собранието во август 2026 година, но сè уште не се ставени на дневен ред. Три месеци мнозинството не наоѓа време да расправа за закон што произлегува од потребата да се спречат токму ваквите институционални пропусти. Бараме измените веднаш да бидат ставени на дневен ред на Собранието и да се овозможи нивно разгледување и изјаснување.

Најстрашната пресуда за власта на ДПМНЕ не е напишана само во извештајот на Европската комисија, туку во јазот меѓу институционалната моќ со која располага и заштитата што не успева да ја обезбеди. Панче Тошковски командува со полициски апарат од околу 560 полицајци на 100.000 жители, а Владата осум месеци не успева да ги спроведе законските промени што самата ги прогласи за итни. Бараме од Тошковски конкретни одговори за полициското постапување и одговорноста за пропустите во случаите на фемицид, а од собраниското мнозинство веднаш да ги стави предложените законски измени на дневен ред. Не е прифатливо законските решенија да чекаат во собраниска процедура, додека институциите продолжуваат да се соочуваат со истите пропусти и жените да се претвораат во уште една статистика.

Можеби ќе ве интересира

ВОЗЕЛ СО 1,74 ПРОМИЛИ АЛКОХОЛ – Приведен 55-годишник, одземен му е „пасатот“

ДЕСК

ВОЗЕЛ „БМВ“ СО 1,68 ПРОМИЛИ АЛКОХОЛ – Приведен 28-годишник во Охрид

ДЕСК

СОНЦЕТО ЌЕ ИМ ОТСТАПИ МЕСТО НА ДОЖДОВНИТЕ ОБЛАЦИ – Какво време нè очекува денеска?

ДЕСК