Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Шасивари од Будва: Криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане кај сторителите/Shasivari nga Budva: Krimi nuk duhet të jetë fitimprurës, pasuria e paligjshme nuk mund të mbetet në duart e autorëve

Борбата против корупцијата мора да донесе конкретни резултати, одговорност за високата корупција и ефикасна конфискација на незаконски стекнатиот имот. Ова е една од клучните пораки на министерот за правда, Јетон Шасивари, од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Будва, каде што учествуваше на панелот посветен на борбата против корупцијата.

Министерот нагласи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се основа за демократска стабилност и доверба во институциите. Особено внимание посвети на предметите од висока корупција, чиј исход претставува вистински тест за ефикасноста и независноста на правосудниот систем.

„Особено внимание посветуваме на ефикасното постапување по предметите од висока корупција, како еден од клучните показатели за ефективноста на правосудниот систем и неговата способност да обезбеди одговорност без оглед на позицијата или влијанието на сторителите“, истакна Шасивари.

Во фокусот на неговото обраќање беа и законодавните реформи. Подготвени се нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка, со кои се предвидуваат построги санкции за коруптивните кривични дела и поефикасни механизми за конфискација на имотот и имотната корист.

„Нашата цел е јасна – криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане во рацете на сторителите“, порача министерот.

Шасивари ги претстави и подготвените измени на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, новиот Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи, како и измените на Законот за лобирање. Со овие решенија се предвидува зајакнување на контролата на имотната состојба, спречување на судирот на интереси и поголема институционална одговорност.

Покрај законските измени, министерот се осврна и на конкретните активности за зајакнување на интегритетот во правосудството. Во соработка со ОБСЕ, претседателите на основните судови од апелационите подрачја Штип, Гостивар, Битола и Скопје потпишаа политики за интегритет. Дополнително, се унапредуваат механизмите за дисциплинска одговорност и професионално постапување, додека шестиот евалуациски круг на ГРЕКО претставува дополнителна можност за проценка и подобрување на антикорупциските механизми.

Говорејќи за меѓународната соработка, Шасивари нагласи дека корупцијата не познава граници и дека нејзиното сузбивање бара заедничко дејствување, размена на информации и поефикасна соработка со европските институции, вклучително и со ЕВРОПРАВДА.

Министерот ја поздрави новата антикорупциска стратегија на Европската унија и ја истакна важноста на поддршката од Европската комисија за спроведувањето на реформите.

„За нас е особено важно реформите да донесат видливи и конкретни придобивки, како за институциите, така и за граѓаните“, нагласи Шасивари.

 

фото: министерство за правда

Можеби ќе ве интересира

Левица: И Извештајот на Европската комисија забележува: ДПМНЕ подготвува европска престолнина на културата по вмровски рецепт за партиска контрола и нетранспарентно трошење

ДЕСК

Петрушевски: Филипче и партнерите од СДС треба да одговараат кривично за саботажа на банкарскиот систем во државата

ДЕСК

Европската комисија нотира добро ниво на подготвеност на Царинската управа во спроведување на реформите за забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ

ДЕСК