Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Левица: И Извештајот на Европската комисија забележува: ДПМНЕ подготвува европска престолнина на културата по вмровски рецепт за партиска контрола и нетранспарентно трошење

Соопштение на Левица:

Додека ДПМНЕ се подготвува да го претставува Скопје како европска престолнина на културата, Европската комисија веќе предупредува на сериозни недостатоци во транспарентноста на управувањето, стабилноста на финансирањето, навремената реализација и соработката со културните чинители.
Наместо оваа историска можност да биде искористена за суштинска преобразба на културниот живот, постои опасност проектот да се претвори во уште една партиски режирана претстава, во која европски ќе биде само насловот, а домашните практики на политичко влијание и затворено одлучување ќе останат недопрени.

Апсурдот добива уште посериозни размери со предложената законска рамка, со која за проект вреден околу 21 милион евра се предвидува Фондацијата да ги спроведува набавките надвор од општиот режим на Законот за јавни набавки. Со други зборови, за проект што треба да претставува европски културен дострел се предлага исклучок од механизмите што обезбедуваат јавна контрола и конкурентност.

Иронијата е што токму во годината кога Европската комисија констатира нула напредок во јавните набавки, партијата предлага посебен модел на располагање со огромни јавни средства. За овој ризик апелираше Левица, по чие скандализирање – Предлогот за криминален закон е засега повлечен.

Уште позагрижувачка е тенденцијата проект од ваков обем да се концентрира околу тесен управувачки круг, додека независната културна сцена, авторите, уметниците и организациите што со децении го одржуваат културниот пулс на Скопје остануваат без доволно гаранции за суштинско учество. Кој ќе одлучува кои проекти заслужуваат поддршка, според какви критериуми, со какви договори и под чиј надзор?
Левица веќе предупреди дека предложениот модел отвора простор за непрозрачна распределба на средствата, политичко влијание и привилегирање одредени чинители.

Дополнително, ваквите предупредувања не се појавуваат одеднаш. Уште при претходниот мониторинг, европскиот експертски панел бараше суштински информации за организациската структура, финансиските гаранции, програмата, буџетите и механизмите за следење на реализацијата. Сега, во извештајот за 2026 година, Европската комисија повторно ја нагласува потребата од транспарентно управување, сигурно финансирање и навремено спроведување.

Нема ништо европско во настојувањето јавните средства да се трошат според посебни правила без доволно силни надворешни контроли, ниту во претворањето на културниот развој во привилегија на тесен круг одлучувачи. Левица ќе инсистира на целосна јавност на одлуките, договорите, критериумите и финансиските текови, како и на вистинско учество на независната културна сцена.

Можеби ќе ве интересира

Петрушевски: Филипче и партнерите од СДС треба да одговараат кривично за саботажа на банкарскиот систем во државата

ДЕСК

Европската комисија нотира добро ниво на подготвеност на Царинската управа во спроведување на реформите за забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ

ДЕСК

ДРАМА НА УЛИЦА ВО РАДОВИШ – Нападнат 21-годишник, напаѓачот замавнал со остар предмет

ДЕСК