Centar.mk
фото Europe House Skopje
МАКЕДОНИЈАПРОМО

„Кој ја кодира иднината?“: Панел-дискусија за девојките и жените во СТЕМ

Жените сочинуваат околу 70 проценти од дипломираните во природните науки и математиката во Северна Македонија, а повеќе од половина од истражувачите во земјата се жени. Сепак, нивното учество е значително помало во технологијата: жените се околу 33 проценти од дипломираните во информатичко-комуникациските технологии, а сочинуваат помалку од една четвртина од работната сила во ИТ-секторот. Овие разлики беа во фокусот на вчерашната панел-дискусија „Кој ја кодира иднината? Девојките во СТЕМ“ (наука, технологија, инженерство и математика), одржана во кампусот на ФИНКИ во Скопје.

Настанот беше дел од кампањата „Носи ја промената“ (Wear the Change) и националниот караван, иницирани од Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија. Дискусијата ги отвори прашањата за системските и институционалните пречки, стереотипите и нееднаквостите што влијаат врз пристапот и учеството на девојките и жените во СТЕМ.

Иако жените се мнозинство меѓу дипломираните во природните науки и математиката и сочинуваат повеќе од половина од истражувачите, разликата во технолошките професии останува видлива. Ограничената поддршка, чувството дека не припаѓаат и недостигот од видливи женски примери во СТЕМ често влијаат врз образовните и професионалните избори на девојките и жените.

Во панел-дискусијата учествуваа амбасадорот на Шведска, Ола Сулстрем, Маријана Иловска Златановски, извршна директорка за дигитални иновации во Intertec.co и директорка за партнерства во Women in Tech North Macedonia, проф. д-р Ана Поцева Пановска од Фармацевтскиот факултет при УКИМ, носителка на првиот патент на УКИМ во областа на медицинската хемија за хибридни молекули со потенцијал за третман на Алцхајмеровата болест, и Невенка Китева Роглева, професорка на Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ. Дискусијата ја модерираше Андреа Угриноска од „Тиииит! Инк.“ – Скопје.

Ана Поцева Пановска зборуваше за промените во фармацијата и можностите за образование и професионален развој на жените.

„Пред повеќе од сто години, фармацијата била професија во која доминирале мажите. Денес, повеќе од 90 проценти од студентите на нашиот факултет се девојки. Оваа промена покажува што се случува кога на жените ќе им се отворат можностите за образование и професионален развој“, проф. д-р Ана Поцева Пановска од Фармацевтскиот факултет при УКИМ.

Маријана Иловска Златановски се осврна на порастот на бројот на жени во технологијата и на предизвиците поврзани со нивното учество на лидерски позиции.

„Со текот на годините бројот на жени во технологијата драстично порасна, но потоа се појави ново прашање: што правиме со жените на лидерски позиции во светот на технологијата? Се радувам што денес работиме на надминување на тие бариери и охрабрување на девојките да преземаат поголема иницијатива. Дефинитивно има прогрес, но има уште многу да се работи“, Маријана Иловска Златановски, извршна директорка за дигитални иновации во Intertec.io и директорка за партнерства во Women in Tech North Macedonia.

Амбасадорот на Шведска, Ола Сулстрем, зборуваше за долгорочните инвестиции во образованието, истражувањето и иновациите, како и за поддршката на младите.

„Успехот на Шведска во СТЕМ не се случи преку ноќ. Тој е резултат на генерациски инвестиции во образованието, истражувањето, иновациите и луѓето. Мојата порака до носителите на одлуки во Северна Македонија е да го направат истото: да инвестираат повеќе во образованието, во СТЕМ и, пред сè, во младите. Верувам дека иднината на оваа земја, на регионот и на светот во голема мера зависи од младата жена која денес има 20 години, која се прашува што следува и одлучува по кој пат ќе тргне“, Н.Е. Ола Сулстрем, амбасадор на Кралството Шведска.

Проф. д-р Невенка Китева Роглева ја истакна важноста на интересот, знаењето, образованието и поддршката за девојките што сакаат да се насочат кон науката и технологијата.

„Доаѓам од областа на енергетиката, која традиционално се смета за машка професија. Но, мојот професионален пат покажува дека интересот, знаењето и добрата образовна основа се многу поважни од родовите стереотипи. Поддршката од семејството и наставниците е особено важна за младите девојки да се охрабрат да го следат својот интерес кон науката и технологијата“, проф. д-р Невенка Китева Роглева, Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), УКИМ.

По панелот, публиката учествуваше во сесија со прашања и одговори.

Кога девојките и жените немаат еднакви услови да го развијат својот потенцијал, општеството губи можности за иновации, различни перспективи и поефикасни решенија. Отворањето разговори за пречките и поддршката во СТЕМ е дел од напорите за намалување на родовиот јаз во овие области.

фото Europe House Skopje

Можеби ќе ве интересира

Андоновски: Европската комисија го потврди одличниот напредок во дигиталната трансформација на државата

ДЕСК

ВМРО ДПМНЕ: ЈО не смее да молчи за ширењето паника за Алта банка од страна на СДС и Филипче

ДЕСК

Шасивари од Будва: Криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане кај сторителите/Shasivari nga Budva: Krimi nuk duhet të jetë fitimprurës, pasuria e paligjshme nuk mund të mbetet në duart e autorëve

ДЕСК