Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Андоновски: Европската комисија го потврди одличниот напредок во дигиталната трансформација на државата

Македонија бележи „добар напредок“ во Поглавјето 10 – Дигитална трансформација и медиуми, а нивото на подготвеност е подигнато на „меѓу умерено и добро ниво на подготвеност“. Ова го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на денешната прес-конференција, на која ги претстави клучните наоди од Извештајот на Европската комисија за 2026 година и резултатите во пет области од дигиталната трансформација.

Министерот посочи дека по оценката „ограничен напредок“ во периодот од 2021 до 2024 година и „одреден напредок“ во 2025 година, годинашната оценка претставува потврда за спроведените реформи.

„Зад ова поместување стојат донесени закони, воспоставени системи и услуги што граѓаните сè повеќе ги користат. Стојат и луѓе што секојдневно работат овие промени да станат функционални“, истакна Андоновски.

Електронски услуги – повеќе обврски да се завршуваат целосно електронски

Во делот на електронските услуги за граѓаните и компаниите, Андоновски посочи дека, според Извештајот, до крајот на август на Националниот портал биле достапни 338 услуги. Следниот приоритет е постапките да можат да се завршуваат целосно електронски, без дополнително одење во институциите.

„Знаеме што значи одењето по документи. Излегување од работа, патување до друга општина, чекање и дополнителни трошоци. Понекогаш цел ден потрошен за една административна постапка. Секоја услуга што успешно ја префрламе во електронска форма треба да реши дел од тој проблем“, нагласи министерот.

Тој додаде дека критериумот за следниот период е јасен: „Повеќе услуги што можат да се завршат целосно електронски, од поднесувањето на барањето до добивањето на документот“.

Интероперабилност – институциите да разменуваат податоци, наместо граѓаните да носат документи

Како втора клучна област, министерот ја издвои размената на податоци меѓу институциите. Тој посочи дека месечните трансакции на платформата за интероперабилност се зголемиле од 700 илјади во 2024 година, на 1,4 милиони во 2025 година и 5,2 милиони во 2026 година.

„Институциите мора да разменуваат податоци, не граѓаните документи. Од граѓанинот не треба да бараме да биде посредник меѓу две државни институции“, порача Андоновски.

Министерот нагласи дека поврзувањето на регистрите мора да биде проследено со квалитетни податоци, јасни правила и приспособување на административните постапки.

„Нашата обврска е да го поставиме системот. Од секоја институција очекуваме активно да учествува и да ги приспособува своите постапки. Само така поврзувањето ќе значи побрза услуга за граѓанинот“, истакна тој.

Електронско управување со документи – нови 20 институции ќе се приклучат на еДМС

Европската комисија нотира дека до крајот на јуни 2026 година, централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива – еДМС го користеле 44 институции. Неговото воведување е препознаено и во делот за реформата на јавната администрација.

„Барањето може да пристигне електронски, но ако потоа се печати, се носи од канцеларија до канцеларија и се чека физички потпис, постапката останува бавна. Со еДМС работиме на целиот тек на предметот: приемот, распределувањето, постапувањето, потпишувањето и архивирањето“, објасни Андоновски.

Тој нагласи дека системот треба да обезбеди јасен увид во движењето на предметите, поорганизирана работа и поголема одговорност на администрацијата, најавувајќи негово дополнително проширување.

„Нашата цел е електронското работење да стане секојдневна практика во администрацијата. Затоа проширувањето на еДМС останува меѓу нашите приоритети. Оттука, можам да најавам нови 20 институции на платформата во наредните месеци“, изјави министерот.

Сајбер-безбедност – воспоставен владин тим (MKD-GOV-CSIRT) и вложувања во одговор на инциденти

Во областа на сајбер-безбедноста, Комисијата го нотира воспоставувањето на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти, како и вложувањата во платформа за одговор и во стручни капацитети. Андоновски посочи дека усвоената законска и стратешка рамка поставува основа за поорганизирано постапување и зајакнување на подготвеноста на институциите.

„Секоја нова електронска услуга носи и одговорност за нејзината сигурност. Граѓаните со право очекуваат нивните податоци да бидат заштитени, а системите да бидат достапни кога им се потребни“, истакна тој.

Министерот најави продолжување на вложувањата во кадри и капацитети за навремено препознавање на заканите и координирана реакција.

„Во оваа област резултатот бара континуитет. Затоа ќе продолжиме да вложуваме во тимовите и во способноста на институциите да ги заштитат своите системи“, порача Андоновски.

Вештачка интелигенција – над 90 милиони денари за „Везилка“ и нови можности за истражувачите и компаниите

Како петта област, министерот ги издвои вештачката интелигенција и проектот „Везилка“, координиран од ФИНКИ. Извештајот ја препознава националната антена за вештачка интелигенција, а во Поглавјето 25 ја издвојува „Везилка“ како проект што ја поврзува Македонија со европскиот екосистем преку партнерството со „Фарос“.

Андоновски посочи дека Владата и Министерството вложуваат повеќе од 90 милиони денари во проектот, како и капацитети и поврзувања што треба да овозможат практична примена на вештачката интелигенција.

„Сакаме македонските истражувачи, студентите и компаниите да добијат повеќе можности да развиваат и да применуваат решенија со вештачка интелигенција. Сакаме и малите компании да можат да ја користат технологијата за подобри производи, поголема продуктивност и пристап до нови пазари“, истакна министерот.

„Талент имаме. Нашата задача е да создадеме услови тој талент да работи, да истражува и да создава тука, во Македонија“, додаде Андоновски.

Министерот се осврна и на апликацијата „м.Услуги“, промовирана по периодот опфатен со Извештајот, нагласувајќи дека продолжуваат подобрувањата врз основа на забелешките на корисниците и развојот на дигиталниот паричник. Преостанатите препораки на Европската комисија, како што посочи, се прифаќаат како работни обврски, со фокус на поедноставување на постапките, проширување на заедничките системи и подобрување на пристапноста на услугите.

„Европската оценка е важна потврда. Секојдневното искуство на граѓаните е нашата трајна мисија по која сакаме да нè оценуваат. Помалку одење по шалтери. Побрзи постапки. Побезбедни услуги. Повеќе можности за нашите компании и млади луѓе“, порача Андоновски

Во прилог Ви проследуваме фотографии како и линк од денешната прес-конференција: https://www.youtube.com/watch?v=pjZ28CTgRlQ

фото МДТ

Можеби ќе ве интересира

ВМРО ДПМНЕ: ЈО не смее да молчи за ширењето паника за Алта банка од страна на СДС и Филипче

ДЕСК

Шасивари од Будва: Криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане кај сторителите/Shasivari nga Budva: Krimi nuk duhet të jetë fitimprurës, pasuria e paligjshme nuk mund të mbetet në duart e autorëve

ДЕСК

Левица: И Извештајот на Европската комисија забележува: ДПМНЕ подготвува европска престолнина на културата по вмровски рецепт за партиска контрола и нетранспарентно трошење

ДЕСК