На 30 октомври 2026 година, во Брисел се одржа 22-риот состанок на Поткомитетот за трговија, индустрија, царина и оданочување, во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европската Унија и Северна Македонија. Со состанокот, од страна на ЕУ, копретседаваше г. Фредерик Свинен од Одделот за Албанија и Северна Македонија при Генералниот директорат за проширување и источно соседство на Европската комисија, додека од страна на Северна Македонија, копретседаваше г. Јумни Адеми, државен секретар во Министерството за економија и труд.
Во однос на оданочувањето, Комисијата го поздрави донесувањето на националниот закон со кој се спроведува Директивата за „Столб II“. Ги поттикна надлежните органи да продолжат со ангажманот за развој на системите за ИТ поврзани со оданочувањето, а беше информирана за мерките во енергетскиот сектор кои се однесуваат на ДДВ и акцизите. Комисијата потсети на важноста од постигнување напредок во воспоставувањето на автоматска размена на информациите за финансиски сметки со други даночни органи, во согласност со Заедничкиот стандард за известување на ОЕЦД. Во однос на царината, Комисијата констатираше подобрување во спроведувањето на царинските постапки и нивното олеснување. Исто така, беше истакнато дека системот СЕЕД+ (SEED+), покрај другите проекти за помош, придонесува за поефикасно управување со ризикот и побрзо царинење на стоките. Покрај тоа, Комисијата го поздрави спроведувањето на ревидираните правила ПЕМ (PEM) за потекло на стоката од страна на Северна Македонија. Комисијата ја охрабри Северна Македонија во најкус можен рок да го донесе Царинскиот закон, заедно со подзаконските акти (секундарното законодавство).
Во однос на политиката за претпријатија и индустрија, Комисијата го поздрави извештајот за спроведувањето на Националната развојна стратегија за 2025 година и поттикна редовно објавување извештаи. Северна Македонија ја соопшти својата намера да изработи нова Индустриска стратегија во 2027 година. Комисијата го охрабрува донесувањето на Индустриската стратегија во 2027 година, заедно со придружен акциски план, земајќи ги предвид дигиталните и зелените трансформации, во спрега со отпорноста. Комисијата го поздрави напредокот во спроведувањето на мерките за поедноставување наменети за претпријатијата. Комисијата даде насоки за Патот кон Единствениот пазар и можните претстојни чекори, Компасот за конкурентност за ЕУ, Договорот за чиста индустрија и Законот за критични суровини. Во однос на туризмот, Комисијата информира за најновите измени во политиката на ЕУ за туризам, истакнувајќи ја претстојната Стратегија на ЕУ за одржлив туризам и ја нагласи важноста на регионалната туристичка соработка во контекст на министерскиот состанок за туризам на Западен Балкан во Тирана на 24 ноември. Комисијата со нетрпение го очекува донесувањето на новата Национална стратегија за туризам 2027-2032 на Северна Македонија на почетокот на 2027 година.
Во однос на прашањата поврзани со трговијата, Европската комисија го поздрави континуирано високото ниво на трговска интеграција на земјата со ЕУ. Страните разменија детални трговски статистики. ЕУ останува убедливо најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, при што околу 76% од извозот на земјата и 50,1% од увозот е кон и од земји-членки. Комисијата го поздрави континуираното усогласување на Северна Македонија со режимот на санкции на ЕУ против Русија по воената агресија на Русија врз Украина. Северна Македонија го потврди своето активно учество во работата на ЦЕФТА и својата посветеност кон спроведување на Акцискиот план за Заеднички регионален пазар. Комисијата ги повика властите континуирано да споделуваат информации за Предлог-законот за контрола на извозот за двојна употреба и новиот механизам за скрининг на странски директни инвестиции и неговото усогласување со законодавството на ЕУ, особено новата регулатива на ЕУ за скрининг на странски инвестиции, и понуди помош за негово хармонизирање.
Кога станува збор за слободното движење на стоките, Комисијата ја нагласи важноста од натамошно усогласување на законодавството во оваа област со законодавството (acquis) на ЕУ и потребата од зајакнување на административниот капацитет за спроведување на правната рамка. Земајќи ја предвид состојбата на напредокот, Комисијата апелираше до Северна Македонија да се пријави за Договор за проценка на усогласеноста во областите од интерес. Комисијата даде преглед на усвоената и претстојната законодавна регулатива на ЕУ во оваа област.


