Секој четврти млад човек на возраст од 11 до 17 години не се занимава со спорт или физички активности што придонесуваат за здравјето на срцето и крвните садови, покажува новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО), објавен вчера.
Според извештајот „Генерација на која ѝ недостига движење – Глобални трендови во физичката активност на адолесцентите 2010–2025“, само 14 отсто од младите се физички активни најмалку еден час дневно, со умерен до висок интензитет.
Истражувањето опфатило повеќе од три милиони испитаници во 140 земји и покажало дека девојчињата се помалку физички активни од момчињата во речиси сите држави.
Дури 28 отсто од девојчињата изјавиле дека во текот на претходната недела немале физичка активност ниту еден ден, во споредба со 22 отсто од момчињата.
Од СЗО предупредуваат дека ваквиот тренд е загрижувачки бидејќи адолесценцијата е клучен период за стекнување здрави навики што остануваат во текот на целиот живот.
Организацијата напоменува дека едно од ограничувањата на истражувањето се различните толкувања на умерената и интензивната физичка активност меѓу земјите и културите./Извор:Makfax


