Општина Илинден продолжува со континуирани инвестиции во модернизација и унапредување на капацитетите на комуналното претпријатие, со цел подобрување на квалитетот и ефикасноста на комуналните услуги за граѓаните.
Во насока на подобрување на условите за работа и зголемување на оперативната ефикасност, комуналното претпријатие го збогатува својот возен парк со нови комбинирани товарни возила – патари, кои ќе придонесат за полесно, побрзо и поефикасно извршување на секојдневните работни задачи.
„Новите возила ќе се користат за превоз на работници, алат, машини и товар, со што значително ќе се олесни организацијата на работниот процес и ќе се овозможи поголема мобилност на екипите на терен. Нивната употреба особено ќе придонесе за унапредување на услугите во делот на одржувањето на јавната чистота и јавните површини на територијата на општината.“ – истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој изврши увид на возилата.
Со ваквите инвестиции, Општина Илинден ја потврдува својата заложба за создавање современо, функционално и ефикасно комунално претпријатие, кое навремено и квалитетно ќе одговара на потребите на граѓаните. Унапредувањето на комуналната инфраструктура, подобрувањето на јавната чистота и обезбедувањето почиста и поуредена животна средина остануваат меѓу приоритетите на Општина Илинден.
фото Општина Илинден


