Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со колегата Иван Гулам од Хрватска, копретседаваа со 26-тата седница на Заедничкиот консултативен комитет, чиј домаќин е Скопје.
– Град што ги отвора вратите за соработка, за размена на искуства и за партнерства што носат вистински придобивки за граѓаните. Како градоначалник на Скопје и претседател на ЗЕЛС, мојата порака е јасна, дека европската иднина се гради во секоја општина, во секое населено место, на секоја улица. Таа треба да се почувствува преку поквалитетни услуги, современа инфраструктура, ефикасни институции и достоинствен живот за секој човек. Токму затоа, силните и финансиски стабилни општини се темел на развојот. Преку партнерството со Владата, локалните приоритети ги претвораме во конкретни проекти. Со поддршката за инфраструктурни вложувања создаваме услови за решавање на проблемите со кои нашите сограѓани се соочувале со децении – рече во обраќањето Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека очекуваме силна поддршка од нашите европски партнери за македонската европска перспектива и поголем пристап до финансиските инструменти на Европската Унија.
– Нашите општини имаат потенцијал, знаење и јасна волја за напредок. Секоја дополнителна можност за вложување е можност за подобар живот на граѓаните. Осумнаесетте години соработка во ова заедничко тело ја потврдуваат важноста на локалната власт на европскиот пат. А единството во ЗЕЛС е нашата сила да настапуваме заедно, да бараме решенија и да ги застапуваме интересите на сите општини. Нашата европска определба е цврста и недвосмислена. Ја потврдуваме со работа, со одговорност и со резултати што граѓаните можат да ги видат и почувствуваат. Нашата заложба е луѓето да ја гледаат својата иднина тука, во сопствената земја. Да создаваат семејства, да напредуваат и да живеат со достоинство. За Македонија во која европскиот квалитет на живот ќе биде секојдневие. За силни општини и граѓани што веруваат во својата иднина – рече Ѓорѓиевски.
Заедничкиот консултативен комитет (ЗКК) е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власти.
фото Град Скопје


