Centar.mk
фото Претседателски кабинет
-МАКЕДОНИЈА

Средба на Сиљановска-Давкова со генерал Алексус Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како Врховна командантка на вооружените сили, придружена од македонскиот амбасадор во НАТО, Муртезани, и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Лафчиски, во седиштето на Врховната команда на сојузничките сили во Европа, оствари средба со генерал Алексус Грегори Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа.

Сиљановска-Давкова ја реафирмираше посветеноста на земјата на колективната одбрана и придонесот кон безбедноста на сојузниците, истакнувајќи дека стабилноста на Западен Балкан е неразделна од безбедноста на пошироката евроатлантска заедница. Според претседателката, целосната евроатлантска интеграција и членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ е важен дел од безбедносната европска структура.

Таа укажа дека нерешените спорови, политичките тензии и институционалната ранливост го прават регионот подложен на хибридни закани, дезинформации и злонамерни надворешни влијанија, поради што се неопходни поголема отпорност, подготвеност за кризни состојби и заштита на критичната инфраструктура.

За неа, континуираното присуство на КФОР и другите мисии на НАТО е од суштинско значење за мирот и стабилноста на Косово и поширокиот регион.

Претседателката потсети дека земјата е посветена на развивањето на одбранбените способности согласно НАТО-целите, при што во тек е ажурирање на стратегиските документи за одбраната и долгорочниот развој на способностите на Армијата.

Според неа, модернизацијата не подразбира само набавка на современа опрема, туку и внимателно планирање, долгорочни инвестиции и тесна соработка со сојузниците, усогласени со потребите на Армијата и барањата на Алијансата.

Посебно ги издвои Коридорите 8 и 10, нагласувајќи дека нивната географска положба и инфраструктурна поврзаност се значајни за исполнување на мисијата на Алијансата.

Таа посочи дека земјата се залага за почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации, изразувајќи подготвеност за продолжување на соработката со сојузниците во рамки на заедничките механизми за помош.

На крајот, претседателката ја потврди македонската определба да бидеме доверлив и конструктивен сојузник, придонесувајќи кон колективната одбрана, регионалниот мир и безбедноста на евроатлантската заедница.

фото Претседателски кабинет

Можеби ќе ве интересира

Левица: Фемицидот во Богданци е уште еден доказ дека полицијата не ги штити жените кои пријавуваат насилство

ДЕСК

Министерот Клековски најави нови проекти во здравството и се осврна на клучните приоритети – поголема достапност на лекови, реформа на ИМП и дигитално здравство

ДЕСК

Јаневска: Поголема безбедноста на младите во сообраќајот преку координирано делување на училиштата, институциите, семејствата, граѓанскиот сектор и локалните заедници

ДЕСК