Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Филипче: Интерпелацијата за Трајко Славески ќе биде поднесена деновиве

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави дека интерпелацијата за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ќе биде поднесена во наредните денови. Филипче посочи дека Славески мора да понесе одговорност за погрешните одлуки околу влезот на Алта банка на македонскиот финансиски пазар, сомнителниот капитал и состојбата во која се доведени граѓаните да не можат да пристапат до сопствените пари.

„Ја подготвуваме и овие денови ќе биде поднесена. Вчера поднесовме интерпелација за поранешниот вицепремиер, сега министер Иван Стоилковиќ“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ, го повика Славески да си поднесе оставка, бидејќи со неговите постапки и конфузни изјави дополнително ја продлабочува кризата и се обидува да се спаси себе си и премиерот Христијан Мицкоски.

„Најдобронамерно денеска го повикуваме гувернерот Трајко Славески да си поднесе оставка. Да не заглавува повеќе од тоа што е веќе заглавен. Да не се обидува на несоодветен начин да се спаси себеси и премиерот Мицкоски, кој што е очигледно негов наредбодавач. Ги пратиме неговите изјави, конфузни, ги дообјаснува, ги менува, очигледно е дека обвинува без причина, и дека очигледно е дека знае дека во еден момент, кога и да дојде тој момент, ќе мора да одговара за сето ова што го направи“, рече Филипче.

Тој посочи дека Славески имал обврска да ја провери сопственичката структура и репутацијата на Алта банка пред да и биде дозволен влез на македонскиот финансиски пазар, особено поради сомнежите за потеклото на капиталот.

„Гувернерот Трајко Славески очигледно не постапил по закон и како што изјави дека не го познавал газдата, а имал обврска да знае кој е газда на Алта банка, затоа што требал да знае со кој човек има работа и каква е репутацијата на газдата на банката која што влегува на нашиот финансиски пазар“, рече Филипче.

Филипче нагласи дека Мицкоски и Славески имаат директна одговорност последиците што ги трпат граѓаните, да не можат да си ги подигнат сопствените средства.

„Мора да прифатат дека имаат одговорност и Христијан Мицкоски, посебно Трајко Славески за редиците пред банкоматите пред банките, затоа што во денешно време е недозволиво луѓето да не можат да си стигнат до своите пари заради лошите одлуки, дали случајни или намерни, тоа времето многу брзо ќе покаже очекуваме документи да стигнат и од Србија, вака сериозно е загрозен финансискиот систем во нашата држава“, рече Филипче.

Можеби ќе ве интересира

Левица: Фемицидот во Богданци е уште еден доказ дека полицијата не ги штити жените кои пријавуваат насилство

ДЕСК

Министерот Клековски најави нови проекти во здравството и се осврна на клучните приоритети – поголема достапност на лекови, реформа на ИМП и дигитално здравство

ДЕСК

Јаневска: Поголема безбедноста на младите во сообраќајот преку координирано делување на училиштата, институциите, семејствата, граѓанскиот сектор и локалните заедници

ДЕСК