Centar.mk
фото на Министерството за дигитална трансформација
-МАКЕДОНИЈА

Министерството за дигитална трансформација предводник во реформите за пристапување кон ЕУ

Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека Европската комисија во Извештајот за 2026 година констатира „добар напредок“ во Поглавјето 10 – Дигитална трансформација и медиуми, а истовремено го подигнува и нивото на подготвеност на земјата од „умерено“ на „меѓу умерено и добро ниво на подготвеност“. Овие оценки го потврдуваат значењето на спроведените дигитални реформи за напредокот на државата во процесот на пристапување кон Европската Унија.

Подобрувањето е особено значајно во споредба со претходните години. Во четири последователни извештаи, од 2021 до 2024 година, Европската комисија констатираше „ограничен напредок“ во ова поглавје. Во 2025 година оценката се подобри на „одреден напредок“, а во 2026 година достигна „добар напредок“, придружен со повисока оценка за подготвеноста на земјата.

Европската комисија ги препознава конкретните резултати во законодавното усогласување, проширувањето на електронските услуги, зајакнувањето на интероперабилноста и сајбербезбедноста. Долгогодишните препораки добиваат конкретен одговор преку усвоени закони и стратегии, нови оперативни капацитети и поголемо користење на дигиталните услуги.

Меѓу клучните реформи се усвојувањето на долгорочната ИКТ стратегија со акциски план и Стратегијата за сајбер-безбедност, донесувањето на законите за електронски комуникации и за безбедност на мрежи и информациски системи, како и законските измени за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Дополнителното усогласување во областа на електронските комуникации претставува важен чекор кон европските правила и стандарди.

Резултатите се видливи и во услугите што ги користат граѓаните и компаниите. Европската комисија констатира дека користењето на електронските услуги е удвоено во однос на претходната година. Според податоците опфатени во извештајот, на крајот на август 2026 година на Националниот портал биле достапни 338 електронски услуги, вклучително и делумно достапните услуги. Препознаено е и воведувањето услуги што граѓаните најчесто ги бараат, како изводи од матичните книги и уверенија за државјанство, како и подобрувањето на пристапот до услугите за бизнисите.

Напредок е забележан и во дигитализацијата на работата на институциите. Централниот систем за управување со документи го користат 44 институции, а зајакнувањето на интероперабилноста, односно електронската размена на податоци меѓу институциите, е издвоено како еден од резултатите што придонесуваат за позитивната оценка.

Во областа на сајбербезбедноста, покрај усвоената законска и стратешка рамка, воспоставен е и MKD-GOV-CSIRT, владиниот тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти. Вложувањата во современи технологии и стручни капацитети ја зајакнуваат способноста на институциите да одговорат на сајберзаканите.

Позитивните наоди за дигитализацијата се присутни и во делот од извештајот посветен на услугите кон граѓаните и бизнисите во рамките на реформата на јавната администрација. Европската комисија во овој дел констатира значителни подобрувања во текот на 2025 и почетокот на 2026 година, потврдувајќи ја важноста на дигиталната трансформација за поефикасно функционирање на институциите.

Министерството за дигитална трансформација, во соработка со институциите и партнерите, продолжува со спроведување на реформите и преостанатите препораки на Европската комисија. Повисоките оценки се потврда за досегашните резултати и поттик за натамошна работа кон модерна, ефикасна и безбедна дигитална држава, со побрзи и подостапни услуги за граѓаните и компаниите.

Целосниот извештај на Европската комисија за 2026 година е достапен на следниот линк

фото на Министерството за дигитална трансформација

Можеби ќе ве интересира

Левица: Фемицидот во Богданци е уште еден доказ дека полицијата не ги штити жените кои пријавуваат насилство

ДЕСК

Министерот Клековски најави нови проекти во здравството и се осврна на клучните приоритети – поголема достапност на лекови, реформа на ИМП и дигитално здравство

ДЕСК

Јаневска: Поголема безбедноста на младите во сообраќајот преку координирано делување на училиштата, институциите, семејствата, граѓанскиот сектор и локалните заедници

ДЕСК