Centar.mk
СВЕТ

Шпанија сè уште трага по жртвите од железничката несреќа, идентификувани се 66 загинати

Институтот за правна медицина и форензички науки на Толедо и Сиудад Реал идентификуваше 66 од 69 лица кои загинаа во железничката несреќа што се случи минатата среда во Урда, во шпанската покраина Толедо, според податоците доставени синоќа од Интегрираниот центар за податоци (CID), додека спасувачките екипи денес продолжуваат со потрагата по човечки останки, а идентификацијата на сите загинати во несреќата исто така продолжува.

Привичниот број на жртви останува на 69, според соопштението објавено од CID во недела навечер, кое го објави „Паис“ утрово.

Во соопштението се наведува дека 54 од 66 жртви се шпански државјани, четворица од нив се Американци, додека меѓу загинатите има по еден Аргентинец, Канаѓанец, Чех, Французин, Јапонец, Мексиканец, Португалец и Тунижанец.

Се очекува преостанатите три починати лица, за кои се верува дека се странски државјани, да бидат идентификувани во наредните часови кога нивните семејства, кои се пронајдени, ќе пристигнат во Шпанија за лично да го завршат процесот на идентификација.

Овие податоци се собрани од Интегрираниот центар за податоци (CID), формиран по активирањето на Националниот протокол за медицинско-правно и научно полициско дејствување во инциденти со повеќе жртви.

До денес, 53 од 66 починати лица се идентификувани преку анализа на отпечатоци од прсти спроведена од Форензичката служба на Цивилната гарда. Останатите 13 се идентификувани со ДНК анализа спроведена од Националниот институт за токсикологија во соработка со Форензичката служба на Цивилната гарда.

Семејствата веќе се информирани за 60 од овие идентификации, односно за идентификацијата на 36 мажи и 24 жени, а семејствата на преостанатите шест идентификувани починати лица ќе бидат информирани што е можно поскоро.

Во соопштението се додава дека 47 починати лица веќе се предадени на нивните семејства и дека процесот на идентификација за сите 69 починати лица продолжува без прекин од среда со најголема строгост и брзина.

Според CID, три пријави за исчезнати лица се сè уште активни – за двајца австралиски државјани и еден јапонски државјанин.

Во меѓувреме, спасувачките екипи денес продолжија со потрагата по човечки останки во областа на железничката несреќа во Урда.

Лидерот на Шпанската народна партија (ПП) Алберто Нуњез Феихо денес ќе се сретне во Мадрид со регионалните лидери и највисоките функционери на таа партија, по националниот период на жалост, а состанокот ќе се фокусира на редефинирање на стратегијата за предизборната кампања на 29 ноември, истакнувајќи го „управувањето, строгоста и искуството“ на лидерот на ПП.

Министерот за транспорт Оскар Пуенте утре ќе го презентира извештајот за истрагата за железничката несреќа во Советот на министри, а потоа ќе се појави пред Постојаниот комитет на Конгресот, каде што опозициските групи и владините партнери, како што е најавено, ќе бараат негова оставка, според „Паис“./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Поради лошо време, портокалово ниво на тревога во Италија: училиштата затворени во неколку градови

ДЕСК

Телата на четворица италијански војници, загинати во близина на Брчко, се пренесени во Италија

ДЕСК

Карлсон: Трамп би можел да нареди нуклеарен напад врз Иран и да предизвика трета светска војна

ДЕСК