Модернизацијата на железничката инфраструктура и изградбата на брза пруга за патнички сообраќај со брзина од 160 до 200 километри на час се дел од планираните активности за развој на Коридорот 10. Проектот е дел од пошироката стратегија на Владата за унапредување на транспортната поврзаност и искористување на географската положба на Македонија.
Вицепремиерот на панел-дискусијата посветена на стратешката сигурност и стабилност, истакна дека реконструкцијата и надградбата на железничкиот коридор треба да овозможат брзина до 200 километри на час за патничките возови, додека за карго-сообраќајот е предвидена брзина до 120 километри на час.
Покрај железничкиот развој, на Коридорот 10 со поддршка на Европската Унија се работи и на модернизација на автопатот. Во рамките на Планот за раст се подготвени пет закони за интелигентни транспортни системи, во чија подготовка учествуваат Министерството за транспорт, Министерството за локална самоуправа и Министерството за внатрешни работи, по што е предвидено да следува нивна имплементација.
Инвестициите во железницата се важен сегмент од вкупниот инфраструктурен пакет за Коридорите 8 и 10, за кои, според Николоски, се издвојуваат меѓу 5 и 6 милијарди евра.
Со планираната модернизација се поставува основа за унапредување на патничкиот и товарниот железнички сообраќај, како дел од владините активности за развој на транспортната инфраструктура.
фото Министерство за транспорт


