Кандидатот на Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ, Аркин Јахији, е победник во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, според објавените прелиминарни резултати. Јахији освоил 4.379 гласови, додека неговиот противкандидат Стојанчо Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, добил 4.178 гласа.
Разликата меѓу двајцата кандидати изнесува 201 глас, а според објавените податоци биле евидентирани и 203 неважечки ливчиња. Изборниот ден го одбележа поголема излезност отколку во првиот круг, што дополнително ја зголеми неизвесноста околу конечниот исход.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва го призна поразот на својот кандидат и му ја честиташе победата на Јахији. Официјалното утврдување на резултатите останува во надлежност на Државната изборна комисија, по завршувањето на сите предвидени изборни постапки.


