Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се сретна со потпретседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
Претседателот му посака добредојде и изрази уверување дека оваа средба како и другите средби со претставниците на пријателска Црна Гора ќе придонесат во понатамошно развивање на односите помеѓу двете земји.
Претседателот го поздрави напредокот на Црна Гора во процесот на европската интеграција, истакнувајќи ја важноста на овој процес, како и предизвиците со кои се соочува Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија. Тој ја нагласи важноста на соработката и меѓусебната поддршка, посочувајќи дека двете земји споделуваат заеднички стратешки цели за европска интеграција, стабилност и развој на регионот.
Потпретседателот на Владата на Црна Гора извести дека со Владата на Република Северна Македонија е договорено воспоставување на авионската линија помеѓу Скопје и Тиват што може да ги поддржи економските и туристички односи во иднина. Воедно, тој зборуваше и за процесот на интеграцијата на Црна Гора во ЕУ кој може да заврши до 2028 година со полноправно членство во ЕУ. Секако дека Црна Гора ја поддржува Република Северна Македонија во интегративниот процес оти само со целосна интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ ќе се обезбеди мир и развој во регионот.
На планот на парламентарната дипломатија претставникот од Црна Гора изрази надеж дека наскоро треба да дојде до посета на претседателот на Парламентот на Црна Гора на Република Северна Македонија, а треба да се иницира и средба на парламентарните групи за соработка помеѓу двете земји.
На крајот на средбата, соговорниците изразија желба средбите и соработката да се продолжи понатаму во заемна полза на двете страни.
фото Собрание


