Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески се обрати на годишната индустриска конференција „MANUFACTURING 2026 – Трансформација кон иновации“, која се одржа во рамките на Меѓународниот саем за техника, технологија, енергетика и иновации ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026.
Конференцијата ги обедини претставниците на индустријата, институциите и експертската јавност во дискусија за дигиталната трансформација, иновациите и зајакнувањето на конкурентноста на македонското производство.
– Ваквите саеми се уште едно потсетување за времињата во кои живееме, за технолошкиот напредок во светот и за компаниите кои го користат во нивното функционирање. Ние повеќе не говориме за потребата од дигитализација и воведување иновации во производствените капацитети, ние говориме за нивната неопходност со цел компаниите да опстанат, да растат и да бидат конкурентни на меѓународниот пазар – рече заменик-министерот Ристески.
Ристески се осврна на поддршката која Владата и Министерството за економија и труд им ја даваат на домашните компании во нивната дигитална трансформација и во развојот и воведувањето иновативни технолошки процеси со цел зголемување на конкурентноста на меѓународниот пазар.
– Владата на Република Македонија и Министерството за економија и труд ги помагаме домашните компании на нивниот пат кон технолошки развој и воведување иновативни модели во нивните производствени процеси преку повеќе мерки и активности. Наша стратешка цел е јавната поддршка да ја насочуваме кон мерки кои создаваат долгорочна вредност за компаниите и економијата, да помогнеме домашните компании да бидат посилни, помодерни и подобро подготвени за настап на европските и светските пазари – додаде Ристески.
Годишната индустриска конференција „MANUFACTURING 2026 – Трансформација кон иновации“ е во организација на Македонското здружение на металната и електроиндустријата (MAMEI), Стопанската комора на Македонија и Европскиот дигитален иновациски хаб – ДигитМАК.
фото Министерство за економија


