Centar.mk
фото видео ВМРО ДПМНЕ
ЛОКАЛНО

Вучевска Петковска: Крива Паланка тоне во долгови, а ветените мерки за пензионерите, бесплатниот оброк за учениците и пречистителната станица останаа само на хартија

ИНТЕГРАЛЕН ТЕКСТ ОД ИЗЈАВА на Слаѓана Вучевска Петковска, советничка во Советот на Општина Крива Паланка:

Почитувани представници на медиумите,

За неколку дена ќе наврши една година од вториот мандат на градоначалникот Сашко Митовски. Една година е доволно време за граѓаните да побараат отчет. И затоа денес прашуваме: Што доби Крива Паланка за оваа една година, добивме ли решени комунални проблеми, добивме ли подобри услуги или добивме нешто друго, поголеми долгови и нереализирани ветувања.

Според податоците со кои располага нашата советничка група, заклучно со 30 јуни 2026 година, обврските на Општина Крива Паланка достигнале околу 128 милиони денари. А тоа не е крајната состојба. Во третиот квартал обврските продолжуваат да растат. Граѓаните не гласаа за нов список со ветувања, гласаа за реализација.

Загрижува и случајот со Европската куќа. Просторот е затворен, а зградата која е сопственост на Општина Крива Паланка, според информациите со кои располагаме, е одземена од страна на извршител поради неплатени догови на Општината. Спротивно на тоа на граѓаните им беше ветено нов Младински центар.
Затоа прашуваме: Како се ветуваат нови простори, ако не успевме да го заштитиме постојниот општински имот? По кој основ е поведена извршната постапка, колкави обврски стојат зад ова и што презела општината за да го заштити својот имот? Не може да се зборува за развој, ако општината губи контрола врз сопствениот имот. И тука е клучното прашање: Ако долгот расте, каде се резултатите?
Во предизборниот период на граѓаните им беа ветени многу работи. Бесплатен оброк за учениците до петто одделение. Финансиска поддршка за пензионери со ниски примања од 3000 до 6000 денари. Финансиска поддршка за пензионерите за набавка на огревно дрво. Ветена беше и балон-сала во дворот на Касарната. Главен фекален колектор и пречистителна станица. Решавање на проблемите со свлечишта и други инфраструктурни проблеми.
Но, граѓаните имаат право да прашаат: Што е направено досега, дали за ветените проекти има проектна документација, дали се обезбедени средства, дали е започната постапка и кога точно ќе се реализираат? Затоа што граѓаните не гласаа за нови ветувања. Гласаа за реализација.
Особено загрижува состојбата во ЈП „Комуналец“. Според информациите со кои располагаме, претпријатието се соочува со сериозни финансиски проблеми, а на вработените сè уште не им е целосно исплатена плата за месец август. Затоа прашуваме: Колкав е долгот на ЈП „Комуналец“? Колкави се неговите доспеани обврски? Колку се должи за плати, придонеси и добавувачи? И кој е планот за излез од оваа состојба?
Не може општината да бара нови задолжувања, а истовремено долгот да расте и јавното претпријатие да се соочува со финансиски проблеми. Ние како советничка група не бегаме од одговорност. Напротив. Ќе продолжиме на секоја седница да бараме бројки, документи и отчет. И затоа денес испраќаме јасна порака: Не бараме политички пресметки. Бараме отчет. Не бараме нови оправдувања. Бараме резултати. Не бараме нови ветувања. Бараме реализација.

Единствено нешто што беше забележано во предходната година е реализација на проектите кои ги финансираше Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Крива Паланка заслужува да знае каде одат нејзините пари. Крива Паланка заслужува функционално јавно претпријатие. Крива Паланка заслужува инфраструктура и решени комунални проблеми. И пред сè граѓаните заслужуваат одговор на едно едноставно прашање: По една година од вториот мандат – каде се резултатите што го оправдуваат растот на долгот?

Тоа е прашањето на кое градоначалникот и општинската власт треба да одговорат пред граѓаните. Не со зборови. Туку со бројки. Не со ветувања. Туку со реализирани проекти.

фото видео ВМРО ДПМНЕ

Можеби ќе ве интересира

ОПШТИНИТЕ ПОТРОШИЛЕ 356 МИЛИОНИ ЕВРА НА ТЕНДЕРИ – Рекордни јавни набавки

ДЕСК

Ѓорѓиевски: По децении чекање, почнува реконструкцијата на „Лазар Поп Трајков“ – Гази Баба заслужува современи и безбедни улици

ДЕСК

Извршена есенска дезинфекција и дератизација на територијата на Општина Илинден

ДЕСК