Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, остро ја критикуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, обвинувајќи ја дека не презема ништо за подобрување на конкурентноста на европската економија. Тој предупреди и дека авионските билети значително ќе поскапат во следните 12 месеци поради повисоките цени на горивото и дополнителните трошоци за емисиите на јаглерод диоксид.
„Урсула фон дер Лајен се плаши да направи што било освен да зборува. Бескорисна е. Европа има план за зголемување на конкурентноста, тоа е извештајот на Драги. Две години подоцна, ниту една негова препорака не е спроведена, а Фон дер Лајен се крие и не прави ништо освен што држи говори“, изјави О’Лири.
Тој ги обвини европските институции дека со новите даноци и регулативи го поскапуваат авиопревозот, иако, според него, токму нискобуџетните авиокомпании се еден од најуспешните примери за европска конкурентност.
Критиките доаѓаат во период кога „Рајанер“ најави дека оваа зима ќе го намали капацитетот во Белгија за еден милион седишта и ќе укине 20 авиолинии, поради зголемувањето на белгискиот данок за авиопатувања од две на седум евра по билет.
О’Лири го критикуваше и европскиот систем за тргување со емисии, тврдејќи дека ги оптоварува летовите во Европа, додека многу интерконтинентални летови се изземени од истите трошоци.
Тој предупреди дека поскапувањето на горивото, заедно со повисоките трошоци за емисиите, ќе доведе до значително зголемување на цените на авионските билети во наредната година./Извор:Makfax


