Centar.mk
фото Општина Карпош
ЛОКАЛНО

Едукација и подигнување на свеста за остеопорозата во Општина Карпош

Учениците од втора и четврта година од СУГС „Д-р Панче Караѓозов”, денеска, во просториите на Општина Карпош, одржаа едукативно предавање за остеопороза, наменето за вработените во Општината.

Предавањето беше дел од нивната наставна активност, преку која учениците имаа можност стекнатото знаење да го споделат и да придонесат кон подигнување на свеста за важноста на превенцијата и навременото препознавање на ова заболување, како и правилното постапување во различни ситуации.

Остеопорозата е заболување при кое коските ја губат својата густина и цврстина, стануваат кревки и поподложни на скршеници. Често се развива и без јасни симптоми, порадо што редовната грижа за здравјето на коските и навремените лекарски контроли се од особено значење. Остеопорозата се смета за водечки здравствен проблем поврзан со стареењето и токму затоа од голема важност се превентивните мерки.

Во таа насока, средношколците презентираа корисни информации за факторите за ризик, важноста од балансирана исхрана богата со калциум и витамин Д, редовна физичка активност и здрави животни навики.

Општина Карпош останува отворена за соработка и поддршка на младите, особено кога нивните идеи, иницијативи и знаење се насочени кон здравјето и подобра и информирана заедница.

фото Општина Карпош