Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска ги претстави предложените законски решенија за рударството и геологијата пред претставници на стопанството. На јавната расправа во Стопанската комора беше истакнато дека новата регулатива треба да ги усогласи постапките со европските стандарди и да ги подобри условите за инвестиции во секторот.
Предлог-решенијата предвидуваат поголема дигитализација на административните постапки, појасни правила за користење минерални суровини и засилена заштита на животната средина. За компаниите најважни ќе бидат условите за добивање и продолжување дозволи, додека за локалните заедници клучно прашање остануваат еколошкиот надзор и заштитата на природните ресурси. Законите сè уште се во фаза на предлог и нивната конечна содржина ќе зависи од натамошната постапка.


