Компанијата SpaceX на Илон Маск и технолошката компанија Anthropic, позната по својата работа во областа на вештачката интелигенција, најавија големи донации во вид на акции од компаниите. Ова доаѓа во момент кога технолошките гиганти се соочуваат со зголемен притисок во врска со потенцијалното влијание на вештачката интелигенција врз човештвото.
Маск најави дека следната година ќе му подари по една акција од неговата вселенска компанија SpaceX, која е сопственик на фирмата за вештачка интелигенција xAI, на секое дете во САД. Најавата на милијардерот следи по потегот на Anthropic, од каде што изјавија дека ќе издвојат пет отсто од своите акции за фонд наменет за финансирање донации за „општо добро“.
Anthropic се подготвува за деби на берзата кое би можело да биде рекордно, при што вредноста на компанијата би можела да надмине еден трилион долари. Во јуни, SpaceX постави рекорд за најголема иницијална јавна понуда (IPO) во историјата, при што собра 85,7 милијарди долари.
Овие најави доаѓаат во време кога индустријата за вештачка интелигенција е под зголемен надзор, поттикнат од загриженост за безбедноста и стравувања за потенцијалното влијание што развојот на вештачката интелигенција би можел да го има врз општеството и пазарот на трудот. Сè уште нема објавено детали за тоа како секое дете во САД би добило акција од SpaceX.
Маск напиша на социјалните мрежи: „Следната година на секое дете во Америка ќе му подарам по една од моите акции во SpaceX. Ова ќе биде првата од многуте“.
Тој ја даде оваа најава откако реагираше на веста од Anthropic за формирањето на фондот, наведувајќи: „Препорачувам акциите да им се поделат директно на граѓаните. Јас лично ќе го направам токму тоа“.
Компанијата Anthropic објави дека акциите во нејзиниот „Фонд за јавно добро“ (Public Benefit Fund) нема да се користат за лобирање или за политички донации, ниту во САД, ниту во странство. Компанијата што стои зад вештачката интелигенција „Клод“ (Claude) исто така наведе дека нејзиниот одбор на директори, по сопствена дискреција, би можел да издвои дополнителни два отсто од акциите за овој фонд, пренесува Би-Би-Си (BBC).
Минатата недела, Anthropic ги информираше потенцијалните инвеститори дека нејзините приходи за тримесечјето што заврши во септември пораснале за 45 отсто, достигнувајќи 16,8 милијарди долари.
Како и другите компании во секторот за вештачка интелигенција, Anthropic се стреми да се позиционира како фирма способна да генерира огромни профити – иако истовремено вложува милијарди долари во развој на технологија и изградба на инфраструктура потребна за функционирање на нејзините модели./Извор:Makfax


