Белата куќа ги следи наводите за појавата на чума во Русија и отворањето на карантинот, изјави неименуван функционер од администрацијата на Трамп за порталот „Аксиос“ во неделата.
Руските здравствени власти презедоа мерки на претпазливост по смртта на жена која работела во истражувачки центар против чума, но не потврдија дека била заразена со чума.
„Администрацијата на Трамп е запознаена за ситуацијата, ја следи епидемијата и ги проценува опциите“, изјави функционер од администрацијата, според медиумот.
Дарија Шипилова (28), која работела во истражувачки институт за борба против чума во рускиот регион Иркутск, скршила епрувета со патогенот на пневмонична чума на 25 септември, објавија претходно локалните медиуми.
Шипилова потоа била примена во болница на 29 септември со симптоми на тешка пневмонија и починала ноќта помеѓу 1 и 2 октомври.
По нејзината смрт, властите воведоа карантини во неколку медицински установи во регионот и ставија под медицински надзор речиси 200 лица кои биле во контакт со Шипилова.
Гувернерот на Иркутската област, Игор Кобзев, рече дека лицата под надзор не покажуваат знаци на болест и дека нивните тестови се негативни.
Руските медиуми сугерираа дека Шипилова можеби се заразила со пневмонична чума, но здравствените власти не ја потврдија таа дијагноза.
Руската агенција за јавно здравје објави дека Шипилова имала „пневмонија со непозната етиологија“ и дека понатамошното тестирање не пронашло никакви микроорганизми поврзани со нејзината работа.
Агенцијата изјави дека епидемиолошката состојба во регионот останува стабилна.
Чумата е потенцијално опасна бактериска болест, но може да се излечи со антибиотици ако третманот се започне на време, објавија американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC).
Весникот „Москва Тајмс“ објави дека потенцијално заразени пациенти со чума се сместени во две болници, а 12 се испратени во Институтот против чума на набљудување, при што некои од нив покажуваат симптоми на болеста иако инфекцијата сè уште не е потврдена.
Последниот регистриран случај на чума во Русија се случил во 2016 година во Алтај, а природни жаришта на чумата сè уште постојат во Монголија.
Монголскиот национален центар за проучување на зоонози инфекции, кои се пренесуваат од животни на луѓе, идентификувал 137 вакви епидемии во 2023 година во 17 региони на земјата, вклучувајќи ги и областите што граничат со Русија, пренесува Танјуг./Извор:Makfax


