Centar.mk
фото Влада
-МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Марихуана-политиката и „Стабри“-здравството беа понудата на Филипче, наспроти дата-центрите и развојот којшто мора да се случи во државата

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во гостувањето во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“, говорејќи за критиките на опозицијата за дата-центрите, истакна дека за разлика од владата на СДСМ, којашто водеше марихуана-политика и „Стабри“-здравство на Филипче, оваа Влада ја насочува државата кон дата-центрите, коишто се иднината на човештвото и претставуваат неповратен процес.

„Како премиер ќе бидам неодговорен ако како инженер ова го препознаам, а како премиер не го аплицирам, а притоа имам можности. Доаѓаат компании, заинтересирани се. Да изградиме архитектура којашто нас ќе нѐ направи буквално центар за ваков тип индустрија не само во регионот, туку и во Европа. И никогаш нема да се повлечам од оваа иницијатива — по цена не знам колку прес-конференции да прават и не знам колку да се јават загрижени ликови во државата. Ако треба, цената ќе ја платам, но ова е патот по којшто треба да оди земјата, затоа што инаку ќе заостане. Затоа што последиците од нивните политики со марихуана-економијата и со „Стабри“-здравството денеска ги плаќаме. Ене, видете ги на ПИСА оние политики во нивното образование, кога станувавме тогаш, кога протестиравме — Мила Царовска и останатите. Ете, денеска ги гледаме резултатите од тие експерименти. Затоа не смееме да си дозволиме во овој момент, тоа што јас како инженер го препознавам, да не ја изградам таа архитектура за тоа да влезе во пракса“, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски уште еднаш нагласи дека тоа е процес кон којшто се движи светот и дека за 10–15 години, кога ќе се навратиме на оваа дебата, ова што сега го зборува опозицијата ќе биде смешно.
„Конкретно за податочните центри, за тој процес нема назад. Дури и американскиот претседател беше толку директен во својот говор, и таму, и потоа кога бевме на приемот кај него, кога рече: „Зошто сите зборувате за вештачка интелигенција? Вештачко нешто значи неприродно. Не, ова е суперинтелигенција“. И тој така го нарекуваше — нема повеќе да биде AI, туку ќе биде SI. Наместо „артифишл“, да биде „супер интелиџенс“. Нема назад. За тој процес, еве, ќе зборуваме за 5, за 10–15 години — се разбира, јас тогаш не пледирам да бидам премиер, да се разбереме, претпоставувам дека ќе бидам нешто друго во животот — но ќе имаме можност како луѓе, како современици да зборуваме што ќе се случува. И тогаш ќе се навратиме на оваа дебата и верувајте дека ќе ни биде смешно тоа што некогаш некои го зборувале“, нагласи Мицкоски.