Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, синоќа изјави дека Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Украина и дека за тоа разговарала по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Русија немилосрдно го таргетира Киев, обидувајќи се да им го оневозможи секојдневниот живот на неговите жители. Ние стоиме покрај нив. И покрај сите Украинци. Утре ќе ѝ платиме уште 3,3 милијарди евра на Украина за купување ракети и беспилотни летала“, рече Фон дер Лајен во соопштение објавено синоќа на веб-страницата на Европската комисија.
Таа рече дека финансирањето од ЕУ за системите „Патриот“ е одобрено минатата недела, преку Заемот за поддршка на Украина, кој изнесува 90 милијарди евра за оваа и следната година, но дека „очигледно е потребно повеќе“.
Фон дер Лајен додаде дека ЕУ е подготвена да ги искористи преостанатите средства од програмата Безбедносна акција за Европа (SAFE) за да започне нова програма за заеднички одбранбени проекти на ЕУ и Украина.
„Сакаме заеднички да развиеме европски систем за воздушна и ракетна одбрана, градејќи се врз нашиот заеднички антибалистички систем “Фреја”. Така можеме да ги комбинираме украинското искуство и иновациите од бојното поле со европската технологија и индустриска моќ“, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека поддршката од ЕУ „оди многу подалеку од одбраната“.
„Оваа година веќе мобилизиравме речиси 15 милијарди евра за Украина. Доаѓаат уште. Разговаравме за реформите потребни во Радата за да се ослободи дополнително финансирање и Украина да продолжи да напредува на патот кон нашата Унија“, рече Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен објави дека ќе присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк следната недела.
„Мојата порака до пријателите на Украина низ целиот свет ќе биде едноставна, Европа се вклучува. Сега другите мора да ја засилат својата поддршка“, заклучи Фон дер Лајен, како што објави Танјуг./Извор:Makfax


