Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

138 милиони денари за реконструкција на 18 улици во Аеродром, во Долно Лисиче се гради нова спортска сала, а во Ново Лисиче мултифункционален културен центар

Соопштение на ВМРО ДПМНЕ:

Општина Аеродром продолжува со засилено темпо да инвестира во развојот на општината, во подобра инфраструктура, современо образование, подобри услови за децата, чиста животна средина, спорт и безбедност.

Во изминатиот период реализирани се и започнати голем број проекти низ сите населби во Аеродром, со цел граѓаните да добијат подобри услови за живот и функционална општина.

Еден од најголемите инвестициски циклуси е во сообраќајната инфраструктура, за што се обезбедени 138 милиони денари за реконструкција на 18 улици со вкупна должина од 5,4 километри. Целосно е реконструирана улицата „Симеон Кавракиров“ во Мичурин, се реконструира „Лисец“ во Горно Лисиче, а се работи и на повеќе краци од „Ѓорѓи Капчев“ и „Тодор Чангов“.

Паралелно се уредуваат и други сообраќајни и пешачки површини, а со поддршка од Градот Скопје е реконструирана улицата „Фрањо Клуз“ во должина од еден километар, додека на кракот од булеварот „Трета македонска бригада“ е поставено ново улично осветлување.

Во следниот период продолжува модернизацијата на јавното осветлување преку воведување смарт-осветлување, со кое ќе се обезбеди поефикасен и поекономичен систем.

Се инвестира и во водоводната инфраструктура, така на улицата „Божидар Рајковиќ“ во Горно Лисиче е поставена нова водоводна мрежа во должина од 1.000 метри, инвестиција од 12 милиони денари, обезбедени од македонската Влада, а во Долно Лисиче се реализираат активности за унапредување на водоводната мрежа и подобрување на водоснабдувањето.

За Општина Аеродром, образованието е меѓу најважните приоритети, па така веќе е ставен во функција новиот објект на ООУ „Блаже Конески“, а во тек е втората фаза со доградба, нова спортска сала, спортски терени и уредување на училишниот двор.

Во ООУ „Александар Македонски“ се обезбедени услови за целосна едносменска настава, во ООУ „Димитар Македонски“ учениците од шесто до деветто одделение од 1 септември следат настава во една смена, а во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче се градат шест нови училници и две канцеларии.

Дополнително, училниците се модернизираат со современа технологија, смарт-табли и таблети, најуспешните ученици и наставници се наградуваат, а преку топлински пумпи и фотоволтаични системи, се инвестира во енергетската ефикасност на училиштата.

Подобри услови се создаваат и во детските градинки, така што во тек е постапката за проектирање на првата градинка во Долно Лисиче, со проширувањето на „Изворче“ во Стар Аеродром ќе се обезбеди простор за повеќе од 400 деца, по 33 години е реконструиран горниот кат на „Буба Мара“, а во „Бамби“ е поставена нова термофасада.

Особено внимание се посветува на децата со развојни потешкотии и попреченост преку бесплатни логопедски и дефектолошки третмани и активности за инклузивно образование.