Франција „го поддржува усвојувањето на нови европски санкции против Русија“, изјави претседателот Емануел Макрон, изразувајќи „целосна солидарност со Германија“, која официјално ја обвини Москва дека испратила дрон наполнет со експлозиви на аеродромот во Лајпциг на почетокот на август.
„Овие хибридни напади се множат во Европа. Тие не смеат да останат без одговор“, рече Макрон во видео емитувано на платформата Икс.
Германските власти ќе ѝ предложат на Европската унија да додаде нови лица од руско државјанство на европските листи со санкции.
Германската влада ја обвини Русија за обидот за напад на аеродромот во Лајпциг во август со дрон наполнет со експлозиви. Дронот беше пронајден во близина на украинскиот авион на 4 август, а уредот беше деактивиран.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт изјави дека обидот за напад се вклопува во добро познатиот модел на „руски хибридни операции“.
Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека рускиот конзулат во Бон ќе биде затворен од 18 септември и дека договорот што го регулира Рускиот дом, културен центар во Берлин, ќе биде раскинат.
Аеродромот Лајпциг е главен центар за меѓународен товарен сообраќај и за обезбедување поддршка на Украина. Меѓу авионите што редовно го користат се и украинските транспортни авиони „Антонов“.
Западните земји ја обвинуваат Русија дека води кампања за саботажа и нарушување на редовите низ Европа со цел да се поткопа поддршката за Украина и да се дестабилизираат европските земји./Извор:Makfax


