Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

„Мазут“ повторно отворен без нови докази: Вишото ЈО бара нови вештачења по веќе утврдени факти

 

Случајот „Мазут“ добива нов тек откако Вишото јавно обвинителство Скопје одлучи да го врати предметот кај обвинителката Коларевиќ во ОЈО ГОКК и да побара продолжување на истрагата.

Одлуката доаѓа откако ОЈО ГОКК во мај ја запре постапката поради недостаток на докази. Тогаш беше соопштено дека не е докажана штета од 167 милиони евра, колку што изнесувала пријавата на МВР, ниту дека е направена штета за ЕСМ или државниот буџет.

Професорот Гордан Калајџиев смета дека начинот на кој предметот е вратен отвора сериозни правни дилеми.

„Мене ми изгледа ова дека е практично политички инспирирано. Во дадената ситуација практично нема можност за ревизија на јавнообвинителската одлука што беше донесена. Одлуките што ги донесува Обвинителството се независни, по кои инстанци и кој обвинител ги има донесено, бидејќи внатрешната функционална надлежност е прилично слободна, би рекол, во Обвинителството и не може да глуми повисокиот обвинител некаков сега суд, којшто наоѓа слабости во вештачењето на понискиот, односно надлежниот обвинител што постапува по случајот и да го враќа случајот сега на штета на осомничениот во постапката. Тоа е спротивно на процесни принципи, на идејата за правна сигурност, на пресумпцијата на невиност“ – истакна професорот Калајџиев.

Вишото обвинителство, од друга страна, наведува дека во вештачењата биле констатирани слабости и дека поради тоа се потребни дополнителни проверки.

Во меѓувреме, фактите од претходната истрага остануваат исти. Не беше утврдена штета од 167 милиони евра. Не беше утврдено дека мазутот бил испорачуван спротивно на договореното. Напротив, според досегашните наоди, испораките биле навремени и континуирани.

Не беше потврдено ниту загадување од ТЕЦ „Неготино“. Официјалните извештаи покажуваат дека во периодот опфатен со истрагата не било регистрирано загадување од работењето на централата.

Не било утврдено ниту надминување на граничните вредности за квалитетот на мазутот.

Паралелно со тоа, ТЕЦ „Неготино“ во 2022 година остварила добивка од околу 36,5 милиони евра.

ФЕИТ проценува дека доколку струјата во критичниот период се обезбедувала преку увоз, државата би потрошила околу 880 милиони евра.

Сега повторно ќе се прават проверки и вештачења. Прашањето е дали продолжувањето на истрагата ќе покаже нешто што досега не било утврдено или ќе ги потврди наодите врз кои ОЈО ГОКК ја запре постапката.