Украинскиот парламент денес се враќа од летниот одмор, а министерствата за одбрана и надворешни работи сè уште немаат постојани раководители. Помина еден месец откако украинскиот претседател Володимир Зеленски одеднаш го разреши министерот за одбрана Михајл Федоров, во време на сè поинтензивни руски балистички ракетни напади, пишува Euronews.
Кога новата влада на премиерот Серги Корецки беше потврдена на 16 јули, сите кандидати беа назначени освен министрите за одбрана и надворешни работи. Според украинскиот устав, кандидатите за овие две позиции можат да бидат номинирани само од претседателот, бидејќи министерствата се под негова директна надлежност. Зеленски сè уште не го сторил тоа.
Министерството за одбрана привремено го раководи Евгениј Хмара, поранешен вршител на должноста шеф на Безбедносната служба на Украина (СБУ), кого Зеленски го назначи на 16 јули. Министерството за надворешни работи сè уште го раководи Андриј Сибиха, кој ја држеше функцијата пред реконструкцијата на владата.
Разрешениот министер Михајло Федоров јасно стави до знаење дека неговиот наследник не почнува од нула. Во едно интервју на почетокот на август, тој рече дека лично му предал на Хмара детален „воен план“.
„Тоа беше првото нешто што го направив, му го покажав лично“, рече Федоров.
Разрешувањето на Федоров продолжува да биде причина за протести. Дмитро Козјатински, воен ветеран и еден од организаторите, завчера изјави дека целта била да се потсети претседателот на важноста на дијалогот меѓу владата и општеството. Покрај тоа, тој нагласи дека претседателот мора да ја преземе одговорноста за последиците од сите сомнителни кадровски одлуки.
На последниот протест беше прочитана петиција која подоцна му беше предадена на претставник на Кабинетот на претседателот. Во неа, се поздравува една од претходните одлуки на Зеленски, имено замената на Олександр Сирски со Михајл Драпат на позицијата врховен командант. Во исто време, од претседателот се бара да објасни други контроверзни одлуки, како што е назначувањето на Рустем Умеров за шеф на Службата за надворешно разузнавање./Извор:Makfax


