Centar.mk
БИЗНИС

РАБОТНИЦИТЕ ГИ ЧЕКА ДОПОЛНИТЕЛНА ИСПЛАТА: К-15 годинава е повисок

Периодот на исплата на регресот за годишен одмор, популарно познат како К-15, е во полн ек, а дел од работниците веќе ги добија дополнителните пари на своите сметки.

За работодавачите од приватниот сектор кои го исплаќаат регресот во овој период, минималниот износ изнесува над 19.000 денари. Сумата не е фиксна во текот на целата година, бидејќи се пресметува во однос на просечната нето-плата.

Растот на просечната плата влијае и врз висината на минималниот К-15, па работниците кои го добиваат регресот во овој период може да очекуваат повисок износ во споредба со претходните месеци.

Во приватниот сектор регресот треба да изнесува најмалку 40 проценти од основицата, а право на него има работник кој ги исполнува условите предвидени со колективниот договор, односно кој работел најмалку шест месеци во календарската година кај истиот работодавач.

Сепак, ова е само минималниот износ. Компаниите кои имаат подобри финансиски можности можат да исплатат и значително повисок К-15.

Досегашните исплати покажуваат дека голем број компании исплаќаат суми над законскиот минимум, а кај одредени работодавачи регресот достигнува и далеку повисоки износи.

А што е со јавниот сектор?

За вработените во јавниот сектор пресметката е различна. За 2026 година регресот изнесува над 13.000 денари, односно 30 проценти од просечната нето-плата исплатена во претходната година.

Со продолжувањето на периодот за исплата, во следните месеци К-15 ќе пристигне и кај голем број работници кои сè уште не го добиле регресот.

За семејните буџети ова се дополнителни средства кои можат да бидат значајно олеснување, особено во период кога трошоците за секојдневниот живот се зголемени.