Centar.mk
СВЕТ

САД ги предупредија граѓаните на зголемена претпазливост при патување во Германија

Американскиот Стејт департмент го задржа второто ниво на безбедносно предупредување за патување во Германија, со совет до американските граѓани да бидат „особено внимателни“.

Главната причина за предупредувањето е зголемената опасност од тероризам. Во препораката се наведува дека терористички групи и поединци претставуваат постојана закана во Германија и Европа, а нападите може да се случат без најава или со многу кратко предупредување.

Како можни цели се наведуваат туристички места, аеродроми и железнички станици, трговски центри, пазари, хотели, ресторани, верски објекти, паркови и големи спортски и културни настани.

Германија е на истото, второ ниво како Франција, Италија и Шведска. За разлика од нив, Швајцарија, Австрија, Португалија, Полска и Норвешка се на најниското, прво ниво, без посебни предупредувања.

Цела Шпанија исто така е на второ ниво, но за Сеута е издадено посериозно предупредување од трето ниво поради безбедносната ситуација.

Највисокото, четврто ниво, со препорака да не се патува, е издадено за земји меѓу кои се Русија, Украина, Иран, Ирак и Сирија./Извор:Makfax