„Владата на Мицкоски подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека Владата тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали коишто пристигнаа и од Брисел, и од Берлин, и од Париз“, потенцираше Андреј Жерновски, член на ИО и секретар за меѓународна соработка на СДСМ.
Жерновски посочи дека последните пораки и настапи на Владата јасно покажуваат дека пропаднати се сите обиди да се прикрие вистината пред граѓаните.
„Исцрпени се буквално сите обиди и лаги коишто претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори и така натаму. Па најновото што го слушнавме од Мицкоски е дека ќе сме влегле во Европската Унија, ама без право на глас. Сето тоа падна во вода и веќе нема простор за нови импровизации“, рече Жерновски.
Владата сега се обидува да го претстави како победа токму она што со години го осудуваше.
„Единственото нешто што сега го прави Мицкоски и сите околу него е како оваа лага, којашто им ја продадоа на гласачите, да ја претстават како победа. Како да покажат дека тоа не е лага. Се обидуваат да направат стратегија како да го прикажат како победа она што до вчера за нив беше лага и велепредавство“, истакна Жерновски.
Тој нагласи дека наглиот пресврт во ставовите на Владата и на министерот за надворешни работи не е случаен, туку дел од подготовката на јавноста за прифаќање на политиките што претходно жестоко ги напаѓаа.
„Сè започна со тоа кога самиот призна дека ние не сме “Северномакедонци”, како што тие тврдеа кога беа во опозиција. Дека ние не зборуваме „северномакедонски јазик“, како што тие тврдеа кога беа во опозиција, туку, напротив, дека денеска сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик. Тоа не беше доволно. За да се подготви теренот уште подлабоко, дојдоа неговите уверувања дека, замислете, протоколот не е дел од преговарачката рамка“, рече Жерновски.
Тој потсети дека претходно претседателката на државата призна дека јазикот, културата и националниот идентитет се заштитени со Преспанскиот договор, а Тимчо Муцунски рече дека членството во НАТО е најдоброто нешто што ѝ се случило на државата и дека гарантира безбедност за граѓаните.
„Претстојат денови кога граѓаните, особено оние коишто ја дадоа поддршката на ВМРО, ќе им стане јасно дека тоа беше партијата којашто врз основа на лаги дојде на власт и којашто сè уште со лаги владее. Доаѓа време кога ќе стане јасно дека СДСМ ја зборуваше вистината, дека СДСМ презеде обврски, гласаше одлуки коишто беа за просперитет на граѓаните, тешки, меѓутоа за да добиеме просперитет во иднина и да ги зачуваме младите во нашата држава. Доаѓа период кога ќе сведочиме за една победа на политиките и визионерството на СДСМ, но и пораз на политиките и на лагите на ВМРО“, порача Жерновски.


