Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Власта сега признава ризик од хепатит – за труењето во Гостивар мора да има кривична одговорност

Соопштение на СДСМ:

По епидемијата предизвикана од загадената вода во Гостивар, власта сега официјално признава дека постои ризик од хепатит А и Е, како и од други заразни заболувања.

Ова е токму она за што проф. д-р Венко Филипче предупреди уште минатата недела.

Прво, на институциите доцна им се вклучија „црвените светла“. Додека гостиварчани пиеле вода со фекалии институциите не презеле ништо.

Потоа ги криеја податоците од јавноста. Сега, кога кризата веќе се разгоре, признаваат дека постои ризик од жолтица и други заразни болести.

Граѓаните на Гостивар ја плаќаат цената затоа што наместо стручност, превенција и навремена реакција, добија политички калкулации, прикривање информации и префрлање на одговорноста.

Здравјето на граѓаните повторно беше ставено на второ место, а партиските интереси и тендерите – на прво.

Јавноста сè уште нема добиено официјален и потпишан извештај со анализите за таканаречената „техничка вода“ во Гостивар.

Кој институт ги изработил анализите? Кој го потпишал и одобрил извештајот? Врз основа на кои параметри е утврдено дека водата е безбедна за употреба?

СДСМ бара итно да се направат анализи на водата во сите населени места во Македонија, а резултатите веднаш и целосно да бидат објавени пред јавноста.

А за труењето на граѓаните мора да има кривична одговорност

Не само политички, туку и кривично треба да одговараат Клековски, Андоновска, директорите на локалните центри за јавно здравје и сите што знаеле, а криеле, што не презеле мерки и не го заштитиле здравјето на граѓаните.