Centar.mk
фото Министерство за Одбрана
-МАКЕДОНИЈА

Мисајловски во посета на артилерискиот баталјон и увид на градежните активности во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп

Mинистерот за одбрана, Владо Мисајловски, заедно со командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, денеска ги посетија припадниците на артилерискиот баталјон во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и извршија увид на градежните активности, кои во моментов се реализираат во касарната.

Мисајловски порача дека Министерството заедно со Генералштабот континуирано работат на подобрување на инфраструктурата во касарните и посочи дека со реконструкцијата се обезбедуваат услови за соодветно сместување и складирање на новонабавената опрема и возила, хаубиците, Страјкерите и лесните оклопни возила (JLTV), како и за останатата артилериска опрема.
„Оваа инвестиција е од 10.5 милиони денари, но значи многу, бидејќи на овој начин опремата ќе биде целосно заштитена. Како што можете да видите, целосна нова челична конструкција, а направена е нова електрика, заштитен објект, целосно под видео надзор со хидрантска мрежа“, рече Мисајловски и додаде дека во моментов се работи на различни проекти низ касарните во државава во висина од над 850.000 евра.

Мисајловски од прилепската касарна уште еднаш потенцира дека инвестициите во одбраната се инвестиции од македонските граѓани за македонската Армија, која е секогаш подготвена да им помогне на своите сограѓани и во служба на државата.

Во рамки на денешната работна посета на касарната, министерот го посети и Одделението за одбрана на Министерството во Прилеп.