Centar.mk
Фото Кабинет на Претседател
БИЗНИС

Милионски буст од индиските бизниси за македонската економија, најавуваат индиските медиуми

Посетата на индиската претседателка на Македонија, Друпади Мурму отвора сериозна можност за нова фаза во економските односи меѓу двете земји. Освен дипломатското значење, главната порака од средбите и бизнис-форумот кој се одржа пред три дена, е дека постои интерес за посилно поврзување на индиските и македонските компании, зголемување на трговската размена и создавање услови за нови инвестиции.

Интересот на индискиот бизнис за Македонија доаѓа во период кога Индија се позиционира како една од најдинамичните економии во светот. Со економија од околу четири трилиони долари и стапки на раст кои ја вбројуваат меѓу најбрзорастечките големи економии, индискиот капитал сè повеќе бара нови пазари и производствени можности надвор од своите граници.

За Македонија, ова претставува можност да привлече инвестиции од земја која има силна позиција во повеќе индустрии од информатичка технологија и деловни услуги, до фармација, производство и инженерство. Токму овие сектори можат да донесат најголема додадена вредност за домашната економија преку нови работни места, развој на вештини и поголема поврзаност со глобалните економски текови.

Индиските компании при изборот на нови локации сè почесто бараат пристап до поголеми пазари. Македонија во тој контекст може да биде интересна поради својата географска позиција и можноста да служи како производствена и логистичка точка за излез кон европскиот пазар.

Токму можноста за полесен пристап до Европската Унија е еден од најголемите потенцијали за привлекување индиски инвестиции. За компаниите од Индија, вложувањето во Македонија може да значи приближување до европските потрошувачи, додека за македонската економија тоа би значело нови производствени капацитети и поголема извозна активност.

Ефектите од ваквите инвестиции не се ограничуваат само на компаниите што директно вложуваат. Доаѓањето на големи меѓународни компании најчесто создава поширок економски ефект – се отвора простор за домашните добавувачи, се зголемува побарувачката за локални услуги, се развиваат нови професионални знаења и се подобрува конкурентноста на економијата.

Особено значајно е искуството на Индија во извозот. Според Светската банка, извозот на Индија бележи забрзување, пред сè благодарение на силниот извоз на услуги, софтверот и деловните услуги. ММФ, исто така, ја нагласува отпорноста на индискиот извозен сектор и неговото значење за стабилноста на економијата.

Овој модел на развој може да биде важен пример и за Македонија привлекување инвестиции што не се базираат само на евтина работна сила, туку на знаење, технологии, иновации и повисока продуктивност. Токму тоа е патот кој може да донесе и повисока додадена вредност, а со тоа и подобри услови за вработените.

Потенцијалните инвестиции од индиски компании би имале позитивно влијание и врз макроекономските показатели. Поголемо производство, раст на извозот и нови работни места директно би придонеле кон зголемување на економската активност и раст на бруто-домашниот производ.

Посетата на индиската претседателка затоа може да се гледа како отворање на врата кон нови економски можности. Индија не е само голем пазар, туку и глобален инвеститор и технолошка сила. За Македонија, поврзувањето со таква економија претставува можност да стане дел од нови меѓународни бизнис врски и да привлече капитал кој ќе има долгорочен ефект врз развојот на земјата.

Видеото од индиските медиуми може да го погледнете тука.