Во Собранието се одржа 9. седница на Националниот совет за евроинтеграции, на која беа претставени клучните аспекти на процесот на европска интеграција, со акцент на проширувањето на Европската Унија, реформските процеси и обврските на државата на патот кон членството.
Седницата ја отвори претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, кој истакна дека целта е да се отвори конструктивна дискусија за актуелните аспекти на политиката на проширување на Европската Унија и динамичните процеси што се одвиваат во Унијата. Тој нагласи дека проширувањето повторно е меѓу врвните приоритети на ЕУ и се осврна на критериумите што треба да ги исполнат земјите кандидати, како и на досега преземените чекори на државата во евроинтегративниот процес.
Пред присутните се обрати и амбасадорот на Европската Унија и шеф на Делегацијата на ЕУ во земјата, Михалис Рокас. Тој ја поздрави способноста на државата да спроведува реформи и ја истакна улогата на Собранието во усвојувањето на реформските закони. Воедно, нагласи дека е неопходен широк политички консензус за клучните закони, меѓу кои и Изборниот законик, како и дека позитивниот извештај од Европската комисија ќе зависи пред сè од напредокот во владеењето на правото.
Министерот за европски прашања, Беким Сали, истакна дека интеграцијата во Европската Унија треба да се одвива во два паралелни правци – преку доследно спроведување на суштинските реформи, особено во владеењето на правото и преку искористување на можностите за постепена интеграција пред полноправното членство. Тој нагласи дека Планот за реформи има за цел зајакнување на институциите и постепено усогласување со европските стандарди.
Според него, реформите не се спроведуваат само како обврска кон Европската Унија, туку и како потреба на државата за изградба на посилни институции, независно судство, поефикасна борба против корупцијата, слободни медиуми и подобар квалитет на живот за граѓаните.
По воведните обраќања следеше отворена дискусија на која пратениците разменија мислења и ставови за тековниот процес на европска интеграција, реформските приоритети и предизвиците што претстојат на патот кон членството во Европската Унија.
фото Собрание


