Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Филипче: Ако останеме „статус кво“ и чекаме децении ќе останеме и без европските фондови

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на седницата на Националниот совет за евроинтеграции предупреди дека ако состојбата со евроинтеграцискиот процес на Македонија остане „статус кво“, без напредок на европскиот пат, државата може да се соочи со губење на можноста да ги користи европските фондови во следниот повеќегодишен буџет на Европската Унија. Филипче порача дека стагнацијата нема да има само политички, туку и сериозни економски последици за државата.

„Што ќе се случи ако ситуацијата овде остане статус кво? Што ќе се случи со предвидувањата со креирањето на следниот седумгодишен буџет на Европската Унија? Дали ќе бидеме предвидени како земја која ќе може да користи финансиски средства од Европската Унија во следниот седумгодишен период? Или ќе останеме на маргините со некои мали буџетски ставки кои ќе можеме да ги користиме само за одредени работи, ако власта не покаже желба, волја и конкретни насоки и чекори за продолжување на европскиот пат“, рече Филипче.

Притоа, Филипче додаде дека на овој начин, власта го ризикува не само напредокот на државата туку и иднината на цели генерации, додека целиот регион оди нaпред.

„Ќе дојде временски период во кој веќе нема да може да се споредуваме со никого, затоа што едноставно луѓето овде нема да ја гледаат иднината. Ние сме единствената земја која нема отворено поглавје за преговори, додека овие четири земји кандидати очигледно ќе бидат следните земји членки на Европската Унија. Се поставува прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар. Кога се знае што треба да се направи, кога ниту едно поглавје не е отворено, а четири земји кандидати за Европската Унија одржаа меѓувладини конференции во еден ден – Албанија и Црна Гора, понатаму Молдавија и Украина, кои видовме како го решија проблемот со Унгарија по смената на власта во Унгарија“, рече Филипче.