На пистата во касарната „Гоце Делчев“ во општина Аеродром, се одржа постројување на доброволните пожарникари од сите активни доброволни противпожарни друштва во Македонија.
Со постројувањето беше утврдена реалната бројка на доброволни пожарникари кои се подготвени организирано да учествуваат во гаснењето на летните пожари на отворен простор како дел од Тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пред доброволните пожарникари се обрати директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој ги претстави плановите и очекувањата за претстојната противпожарна сезона. Воедно беше претставена новата внатрешна структура и хиерархија, со цел поефикасна координација, командување и вклучување на доброволните пожарникари во системот за гаснење пожари.
„Да покажеме дека ве има. Да покажеме колку ве има. Да покажеме дека за прв пат, сите вие, припадници на Доброволните противпожарни друштва од Македонија, сте обединети или имате можност да се обединете под една заедничка команда и организирано да се вклучите во Националниот систем за гаснење на летните пожари на отворен простор преку Тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување. Обединувањето ја прави силата. Вие денес го покажавте токму тоа. Овде пред мене, построени, молчешкум стојат, повеќе од 250 доброволни пожарникари“, рече Ангелов.
Ангелов кажа дека Собранието ја зголеми старосната граница на Силите за заштита и спасување, од постоечките 55 на 64 години. Според него, тоа а отвора можност и на многумина храбри доброволци, кои се над 55 годишна но под 64 годишна возраст, да станат дел од Тимовите на ДЗС.
Ангелов најави дека следниот период ќе се посвети на опремување и доопремување со противпожарни униформи и опрема. Тој кажа дека очекува помош и од општествено одговорни компании./Извор:Makfax


