Пратеникот од СДСМ, Миле Талески, на денешната собраниска седница за разрешување и именување на членови на Владата, нагласи дека реконструкцијата на Владата е признание дека Владата на Мицкоски и ВМРО доживеа целосен неуспех по само две години мандат. Талески порача дека промената на министрите не ја менува реалноста на неисполнети ветувања, институционален хаос, економско осиромашување, пропаднати политики во земјоделството, правдата, образованието и безбедноста. Во своето излагање, Талески посочи дека реконструкцијата претставува само обид да се прикрие одговорноста за катастрофалните политики на власта.
„Денешната предлог-реконструкција на Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, е олицетворение на елементарната непогода којашто ја зафати Македонија под водство на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Ова е тотална катастрофа што им се случува на граѓаните и на нашата држава во овие две години.
Со право македонската јавност и македонскиот народ коментираат дека ова е најкатастрофалната влада во поновата историја на Република Македонија.
Две години влада под раководство на Христијан Мицкоски не само што не промени ниту еден потег, не само што не направи ниту еден чекор, не само што не направи ниту една реформа, не само што не ги донесе европските стандарди тука, туку нè врати цела деценија назад. Нè врати во времето на Никола Груевски, во времето на заробената држава, во времето на комплетна изолација и уништен стандард за граѓаните. Ги осиромашивте граѓаните, ги пониживте граѓаните, ги поништивте земјоделците.
Наместо владеење на правото, имаме владеење на корупцијата, владеење на неправото, партизација на секоја пора од општеството, нефункционалност на институциите, уништување на образованието, уништување на здравството, потценување и пресметување со сите оние што имаат поинакво мислење од Мицкоски и кои имаат храброст тоа јавно да го соопштат.
Пред нас денеска имаме признание за неуспехот на Владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. За жал, не само што имаме признание за неуспехот, туку имаме потврда дека нè чекаат уште полоши години.
Овој предлог јасно ни покажува дека ниту Мицкоски, ниту тие околу него имаат визија за тоа како да ја водат државата, како да го подобрат животот и стандардот на граѓаните, ниту, пак, имаат знаење за тоа.
Денеска видовме дека ниту Мицкоски, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, владејачките коалициони партнери немаат ниту едно кадровско решение коешто ќе донесе нова свежина. Немаат никаков потенцијал.
По само две години мандат, премиерот ги менува министрите за кои до вчера ги бранеше и ги претставуваше како успешни. Ако биле успешни, зошто, премиере, денеска ги сменувате? Ако не биле успешни, тогаш зошто две години ги убедувавте граѓаните дека Владата испорачува резултати?
Која е вистината? Онаа кога од оваа говорница ги браневте овие министри што денеска ги менувате или оваа реконструкција, преку која признавате дека тие не работеле добро и се потврдува она што ние, како опозиција, со месеци го зборувавме?
Почитувани, пред изборите се расфрлавте со еден куп ветувања. Ветувавте сè и сешто само за да дојдете на власт и да седите во тие удобни фотелји. Ниту едно од тие ветувања не го остваривте. Само се грижите како што подолго да ги зачувате фотелјите, а со еден прст да не мрднете и да направите нешто за граѓаните.
Ветувавте правда, а што добивме? Ни „П“ од правда и владеење на правото. Напротив, ја партизиравте правосудната власт, а со оние кои ви се спротивставуваат влегувавте во директна пресметка.
Ветувавте бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Ништо од тоа.
Ветувавте силно земјоделство, а земјоделците ги оставивте без субвенции и без поддршка.
Ветувавте подобар животен стандард, а немате слух за покачување на минималната плата. Дополнително ги доосиромашивте работниците. Со синдикатот што бараше подобар стандард влеговте во војна. Ги следите, ги фотографирате, им се заканувате на секој чекор. Типично за ВМРО-ДПМНЕ, како и пред 10 години.
Ветувавте достоинство за наставниците, а сега најавувате дека ќе ги бркате од работа, а селекцијата, секако, ќе биде врз основа на партиска припадност и послушност.
Ветувавте дека ќе ги исправите сите погрешни политики на претходната власт, а две години се потпирате само на популистички наративи, бидејќи ништо друго и не знаете да направите. Само популизам и лажен патриотизам им нудите на нашите граѓани.
Со тоа ниту ќе има подобар стандард, ниту европските вредности ќе ги донесете тука, ниту ќе има владеење на правото и справување со корупцијата.
За да има развој, Мицкоски, треба да ги засукате ракавите, да работите и да преземете одговорност, да ја поведете државата напред, а не да се криете зад лажниот патриотизам.
Почитувани граѓани, во изминативе две години од оваа говорница постојано предупредував за состојбите во Министерството за земјоделство и за најкатастрофалниот министер, Цветан Трипуновски. Предупредував дека земјоделството се движи во погрешна насока, дека нема соодветни политики кои ќе овозможат развој на оваа важна гранка од нашето стопанство. Предупредував дека нема визија, дека нема резултати, дека има само криминал и рамилак на грбот на земјоделската мака.
Одговорот на Владата секогаш беше дека сè е во најдобар ред, дека министерот има сè под контрола, дека е чесен, дека работи напорно и дека има резултати.
Денеска самиот премиер призна дека не било така. Министерот Цветан Трипуновски си заминува, но сомнежите за неговата работа остануваат, а останува и штетата што ја направи во овие две години.
Смената на еден министер не може да ја избрише одговорноста за политиките што се водеа овие две години.
Остануваат блокирани 128 милиони евра европски средства што требаше да завршат кај македонските земјоделци. Остануваат проблемите со ИПАРД. Остануваат незадоволните тутунари, на коишто им ги скративте субвенциите. Остануваат разочарани земјоделците.
ВМРО-ДПМНЕ денеска бега од ресорот земјоделство затоа што токму таму најјасно се гледа разликата помеѓу ветувањата и резултатите. Свесни за штетата што ја направија, сега земјоделството му го даваат на коалициониот партнер ЗНАМ, мислејќи дека земјоделците ќе заборават на маките што ги тргаа во овие изминати две години.
Ниту земјоделците имаат амнезија, ниту граѓаните забораваат колку штета направивте во овие две години.
Истата слика ја гледаме и во Министерството за правда. Единственото нешто што го направи министерот за правда е тоа што во фиока го чуваше барањето за екстрадиција на Никола Груевски. Никакви реформи, ништо буквално не се направи во тоа министерство.
Но, граѓаните не можете да ги излажете така лесно. Точно знаат и препознаваат кој што направил. Дворските игри што се случуваат во ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не поминуваат повеќе кај граѓаните.
Од министрите за чие работење предупредував тука, во ова Собрание, останува Панче Тошковски. Замислете, Панче Тошковски останува министер за внатрешни работи по сето она што му се случува во Министерството за внатрешни работи – од скандал до скандал. Секој ден имаме скандал што го карактеризира ова Министерство за внатрешни работи, особено Панче Тошковски.
Само денеска, од полициска станица во Кочани, на самиот министер му бега наркодилер од полициска станица и, замислете, истиот тој министер останува сè уште министер за внатрешни работи.
Му се случи Кочани, што сè не му се случи на тој министер за внатрешни работи, но едно е сигурно, а тоа е дека е заштитен лично од Христијан Мицкоски.
Едно што сакам тука, пред македонската јавност, да ве потсетам, почитувани колеги, е и за „Бехтел и Енка“. Во опозиција зборувавте за историски криминал. На власт истиот проект стана приоритетен инфраструктурен проект. Па што се промени кај вас, почитувани? Проектот или самите ваши ставови?
Типично за ВМРО-ДПМНЕ – едно зборува во опозиција, друго прави кога е на власт. Лажни ветувања, лажни обвинувања, само за една цел – да дојде на власт и да направи што е можно поголем хаос, да ја уназади државата што е можно повеќе и да ги задоволи личните, партиските и финансиските интереси. Тоа е начинот на функционирање на ВМРО-ДПМНЕ и денеска и пред 10 години.
Да се осврнам малку и на образованието. Она што го направивте под превезот на оптимизација – ги уплашивте наставниците, им ги загрозивте работните места, ги уплашивте учениците, ги уплашивте родителите дека ќе ги бркате од работа. Каде ова им го ветивте, почитувани колеги, во вашата предизборна програма?
Нема област, почитувани колеги, каде што нешто функционира. Буквално направивте пустош во секоја пора од општеството.
Но, едно да знаете – граѓаните нема да ви го заборават овој пустош што го направивте. Не можете да ги вратите европските средства. Ниту, пак, граѓаните ќе ја заборават штетата што им ја направивте. Не можете да ја вратите довербата кај земјоделците. Не можете да ги избришете неисполнетите ветувања за правда.
Буквално сè што ветивте пред македонската јавност за време на изборите, буквално излажавте.
Господине Мицкоски, фрлајте колку сакате од место, но едно ви се познава. Тоа е стравот, затоа што граѓаните ја препознаваат лагата што им ја подадовте за време на изборите и ништо тука не испорачавте. Ништо, буквално ништо не испорачавте.
За жал, како што кажав и претходно, почитувани колеги, ако се види кадровскиот потенцијал што сега ни е пред нас тука, едно ќе покажеме – дека не само што е лошо, почитувани колеги, почитувана македонска јавност, туку ќе биде уште полошо.
И на крај, Мицкоски, ќе ви порачам само едно. Слушајте внимателно. Министрите, Мицкоски, можете да ги промените, но не можете да ја смените вистината. А вистината е дека по две години оваа влада не ги испорача ветувањата што ги даваше за време на изборите. Буквално ги излажавте граѓаните за сите оние работи што им ги ветувавте за време на изборите.
Затоа, бегање од вистината нема. Колку и да лажете, колку и да се храбрите едни со други тука пред македонската јавност, мора да им одговорите на овие крупни прашања“.


