Centar.mk
фото СДСМ
-МАКЕДОНИЈА

Талески: Скандал до скандал во МВР а Панче Тошковски останува министер

Реконструкцијата на Владата е признание дека министрите на Христијан Мицкоски не испорачале резултати, но најголемиот доказ за двојните аршини е тоа што Панче Тошковски останува министер за внатрешни работи и покрај серијата скандали што го потресоа МВР.

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, во денешната собраниска расправа истакна дека реконструкцијата јасно покажува дека Владата признава неуспех, но истовремено ги штити најодговорните за состојбите во институциите.

„Од министрите за чие работење предупредував тука, во ова Собрание, останува Панче Тошковски. Замислете, Панче Тошковски останува министер за внатрешни работи по сето она што му се случува во Министерството за внатрешни работи – од скандал до скандал. Секој ден имаме скандал што го карактеризира ова Министерство за внатрешни работи, особено господинот Панче Тошковски. Само денеска, од полициска станица во Кочани, на самиот министер му бега наркодилер од полициска станица и, замислете, истиот тој министер останува сè уште министер за внатрешни работи.“ рече Талески.

Тој нагласи дека ова не е изолиран случај, туку продолжение на низата пропусти и скандали во ресорот.

„Му се случи Кочани, што сè не му се случи на тој министер за внатрешни работи, но едно е сигурно, а тоа е дека е заштитен лично од Христијан Мицкоски.“ додаде тој.

Талески оцени дека реконструкцијата не носи никаква одговорност, туку покажува дека за министрите блиски до Мицкоски не важат никакви критериуми, без оглед на бројот на скандалите и последиците што ги трпат граѓаните.

„Министрите, господине Мицкоски, можете да ги промените, но не можете да ја смените вистината. А вистината е дека по две години оваа влада не ги испорача ветувањата што ги даваше за време на изборите.“ рече пратеникот на СДСМ, Миле Талески.