Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Мицкоски ветуваше подобри преговарачки позиции – резултатот е блокада и изолација

Соопштение на СДСМ:

Во изборната кампања Христијан Мицкоски ветуваше дека ќе обезбеди подобри преговарачки позиции со Европската унија од оние што ги имаше претходната влада.

Две години подоцна, резултатот е сосема спротивен: Македонија е целосно запрена на европскиот пат, а процесот е доведен до целосна блокада и изолација.

Наместо подобри услови, Мицкоски ја доведе земјата во ситуација во која нема никакво поместување.

Уставните измени кои се клучни за продолжување на преговорите се блокирани.

Реформската агенда која самиот ја ветуваше до 1 јуни повеќе не се споменува.

Наместо да преговара и да бара решение, тој се крие зад празна реторика дека „не отстапува ни милиметар“ и дека „чекa покана од Европа“.

Во реалноста, Мицкоски води двојна политика. Пред западните партнери се претставува како конструктивен, а пред домашната јавност гради националистички наратив за „капитулација“ и „предавници“.

Кога нема резултати, се враќа на старата популистичка реторика за да го прикрие фактот дека свесно го одржува статус квото и ја блокира европската интеграција.

Наместо да преземе одговорност и да ги праша граѓаните директно (преку референдум), тој постојано се повикува на „волјата на народот на следните избори“.

Ова е јасен знак дека се плаши од директна одговорност и од конкретни одлуки.

Две и пол години откако ветуваше подобри позиции, Македонија е подлабоко изолирана од кога било.

Преговорите се замрзнати, реформите се запрени, а граѓаните ја плаќаат цената за политиката на чекање и блеф.

Мицкоски не донесе подобри позиции. Донесе блокада и изолација.