Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Левица утре ќе ги состане опозициските партии за усогласување на ставовите за Изборниот законик со цел воведување на една изборна единица

Соопштение на Левица:

Изборниот законик е еден од најважните закони во секоја демократија и токму затоа е несериозно владејачкото мнозинство да се повлекува од процесот и сопствената одговорност да ја префрли врз опозицијата. ДПМНЕ ја пушти змијата во процесот – постави црвени линии околу гласањето на дијаспората, го оптовари целиот процес со тема што не беше предмет за формирање на Работната група, а потоа се повлече на страна, оставајќи ја опозицијата сама да го расплетува јазолот што самата власт го создаде. Власта не може да биде предлагач на закон, да располага со парламентарно мнозинство, а истовремено да се однесува како обичен набљудувач на процесот.

Сепак, Левица нема да дозволи оваа ситуација да биде искористена како нов изговор за пропаѓање на неопходните изборни реформи. Затоа, во понеделник иницираме координативна средба на сите опозициски политички субјекти, на која ќе се направи обид да се усогласат ставовите и да се формулира заеднички предлог што ќе биде доставен до владејачкото мнозинство.

За Левица, суштината на овие разговори е една изборна единица – реформа што конечно ќе обезбеди еднаква вредност на секој глас, ќе ги намали изгубените гласови и ќе овозможи Собранието пореално да ја отсликува волјата на граѓаните.

Нашата цел не е уште една политичка средба без исход, туку сериозен обид опозицијата да застане зад најголемата демократска реформа на изборниот систем – една изборна единица. Доколку постои добра волја, понеделник може да биде почеток на процес што конечно ќе ја воспостави еднаквоста на секој глас.
Левица ќе направи сѐ за да се изгради заедничка позиција околу една изборна единица.