Centar.mk
СВЕТ

САД бараат Иран јавно да гарантира безбедна пловидба низ Ормутскиот Теснец

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара од Иран јавно да потврди дека Ормутскиот Теснец е отворен за меѓународен поморски сообраќај и да се обврзе дека ќе престане со нападите врз трговските бродови.

Според тројца американски претставници, Вашингтон ова барање му го пренел на Техеран директно, но и преку регионални посредници, обвинувајќи го Иран дека го прекршил меморандумот за разбирање потпишан пред три недели со повторените напади врз трговски бродови во и околу Ормутскиот Теснец.

Вашингтон бара јавно признание и гаранции

Американските власти очекуваат Иран по денешната средба во Оман да објави официјално соопштение со кое ќе гарантира безбедна пловидба.

„Сакаме јавно да кажат дека ќе престанат да пукаат кон бродови и дека експлицитно или барем индиректно ќе признаат дека направиле грешка. На тоа сега работиме“, изјави американски претставник.

Тој додаде дека Вашингтон очекува Иран да потврди дека сите пловни коридори низ Ормутскиот Теснец ќе останат отворени и дека за нивното користење нема да се наплаќа.

Друг американски претставник предупреди дека, доколку Техеран го одбие тоа, ќе следуваат сериозни последици.

„Ако тоа утре не биде нивниот став, нема да им биде добар ден“, рече тој.

Средба во Оман

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи денеска треба да се сретне во Мускат со својот омански колега Бадр ал-Бусаиди, а главна тема на разговорите ќе бидат кризата во Ормутскиот Теснец и поморската безбедност.

Во меѓувреме, Оман отвори јужен пловен коридор долж својот брег за да овозможи побезбедно движење на бродовите низ теснецот.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека Техеран останува посветен на обезбедувањето безбедна пловидба.

„Иран ја прифати јасната одговорност за воспоставување нормални правила и поморски услуги поврзани со пловидбата низ Ормутскиот Теснец и сме многу решени да ја исполниме таа одговорност“, рече Багаеи.

Спор околу преговорите

Американски претставник за „Аксиос“ тврди дека Иран по неодамнешните судири побарал продолжување на разговорите со Вашингтон.

„Ни рекоа: „Погрешивме. Направивме грешка. Да продолжиме да разговараме““, изјавил американскиот функционер.

Техеран ги демантираше овие тврдења, наведувајќи дека не побарал нови директни преговори со САД, туку само прифатил посредување од Катар.

Вашингтон подготвува алтернативни сценарија

Американските власти велат дека во текот на тринеделните директни и индиректни разговори бил постигнат одреден напредок кон можен нуклеарен договор, но кризата во Ормутскиот Теснец сериозно ја довела во прашање подготвеноста на Иран да ги почитува преземените обврски.

Истовремено, Вашингтон соопштува дека веќе подготвува алтернативни сценарија доколку дипломатските напори не дадат резултат./Извор:Makfax