Centar.mk
СВЕТ

Најмалку 12 загинати и 23 исчезнати во големиот шумски пожар во Шпанија

Најмалку 23 лица и натаму се водат како исчезнати во големиот шумски пожар што го зафати регионот Леванте Алмериенсе во шпанската покраина Андалузија. Во пожарот досега загинаа 12 лица, а пожарникарите и понатаму се борат со огнената стихија.

Според локалните власти, пожарот продолжува да се шири поради неповолните временски услови и силниот ветер. До петокот вечерта огнот зафатил околу 4.000 хектари вегетација, пренесуваат шпанските медиуми.

Најзагрозени општини

Најтешко погодени се општините Лос Гаљардос и Бедар, а огнената линија се заканува и на подрачјата Туре, Антас, Мохакар и Гаруча.

Во гаснењето учествуваат повеќе од 500 припадници на службите за итни случаи, со поддршка од 32 авиони и 13 противпожарни возила.

Силните ветрови дополнително придонесуваат за брзо ширење на огнот и го отежнуваат неговото ставање под контрола.

Евакуирани илјадници жители

Илјадници жители се евакуирани од загрозените подрачја, а повеќе од 1.400 луѓе во моментов се сместени во привремени засолништа во Гаруча и Лубрин, соопшти андалузискиот министер за итни ситуации Антонио Санс.

Властите информираа дека 12 извршени обдукции на телата на загинатите сè уште не овозможиле нивна идентификација.

Истрага за паднатиот далновод

Експертите оценуваат дека пожарот во Лос Гаљардос би можел да стане еден од најсмртоносните во историјата на Андалузија и еден од најтешките шумски пожари во Шпанија во последните децении.

Според првичните истраги, се проверуваат наводите дека паднат далновод можеби бил причина за избувнувањето на пожарот.

Регионалните власти се сомневаат дека дел од жртвите биле странски туристи, кои се обиделе да го напуштат подрачјето преку пат што не бил предвиден за евакуација, по што биле зафатени од пламените јазици./Извор:Makfax