Centar.mk
СВЕТ

Американски аналитичар: САД треба да ја вратат стратешката стабилност со Москва

Соединетите Американски Држави треба да работат на подобрување на односите со Русија, избегнување на непосреден конфликт меѓу двете нуклеарни сили и завршување на војната во Украина, изјави американскиот експерт за надворешна и безбедносна политика Лук Никастро.

Никастро во својот авторски текст за списанието „Американ конзерватив“ наведува дека приоритет на Вашингтон не треба да биде дополнително заострување на односите со Москва, туку создавање услови за траен политички договор.

„Кога станува збор за Русија, целта на Америка треба да биде да избегне конфликт, а не да го провоцира“, рече Никастро.

Според него, главниот интерес на Соединетите Американски Држави, како што е дефинирано во Американската стратегија за национална безбедност, е завршување на конфликтот во Украина и повторно воспоставување „стратешка стабилност“ во односите со Русија.

Тој верува дека постигнувањето прифатлив модел на соработка меѓу Вашингтон и Москва е сè уште можно, но предупредува дека големото американско воено присуство во Европа претставува една од главните пречки за подобрување на билатералните односи.
Никастро проценува дека распоредувањето на голем број американски војници и стратешки средства на европскиот континент ги зголемува загриженостите на Москва за евентуално воено опкружување и во исто време ја намалува способноста на Вашингтон да се претстави како кредибилен посредник во преговорите за Украина.

Американскиот аналитичар, исто така, предупреди дека забрзаното вооружување на европските земји може да започне нова трка во вооружување и да ја продлабочи безбедносната криза, бидејќи потезите на едната страна за зајакнување на сопствената одбрана обично предизвикуваат соодветни мерки од другата страна.

Затоа тој се залагаше за постепено и безусловно намалување на американското воено присуство во Европа, верувајќи дека европските членки на НАТО треба да преземат поголема одговорност за одбраната на континентот.

На крајот на мај, Пентагон ги информираше сојузниците дека планира да ги намали за една третина до половина, силите и воените капацитети што би ги ставил на располагање на НАТО во случај на криза. Намалувањето се однесува на стратешки бомбардери, средства за удар со долг дострел, авиони за полнење гориво од воздух и одредени поморски капацитети.

Американската администрација го оправдува овој потег со потребата европските сојузници да преземат поголем дел од товарот на сопствената одбрана, додека Вашингтон постепено ги насочува воените ресурси кон Азиско-пацифичкиот регион и ја одвраќа Кина. Како дел од промените, распоредувањето на оклопна бригада во Полска беше откажано и како дел од поширок план за намалување на бројот на американски војници во Европа за околу 5.000./Извор:Makfax