Францускиот претседател Емануел Макрон изјави на вонредниот самит на лидерите на Европската Унија во Брисел дека Европа повеќе не може да смета на враќање на стариот модел на односи со Соединетите Американски Држави, пишува „Волстрит џурнал“, осврнувајќи се на учесниците на состанокот и нивните високи соработници.
Според американскиот весник, во јануари, во атмосфера на продлабочување на недовербата меѓу Брисел и Вашингтон, Макрон оценил дека прекумерната зависност на Европа од Америка станала безбедносен ризик за самата Европа.
„Повлекуваме линија. Нема враќање назад“, рекол Макрон, според извори цитирани од WSJ.
Весникот наведува дека во текот на претходната година, европските сојузници на САД се обиделе да ја омекнат политиката на американскиот претседател Доналд Трамп со комбинација од отстапки, дипломатско ласкање и ветувања во областите на одбраната и трговијата. Целта, како што е посочено, била да се купи време и да се зачува што е можно повеќе од традиционалното трансатлантско партнерство.
Сепак, намерата на Трамп, САД да ја преземат контролата врз Гренланд, како што пишува WSJ, доведе до ненадејно преиспитување на европската стратегија. Во овој контекст, одредени европски држави почнаа да го зголемуваат своето присуство на Гренланд, додека лидерите на ЕУ сè поотворено зборуваа за потребата Европа да развие сопствена безбедност и стратешка независност.
Според „Волстрит џурнал“, јануарскиот состанок во Брисел подоцна многумина во европската политичка елита го сметаа за пресвртница. Земјите кои, од крајот на Втората светска војна, се потпираа на американска заштита и беа поврзани со заедничка безбедносна рамка, почнаа да бараат одделни патишта во новиот меѓународен поредок.
Во текстот, исто така, се наведува дека меѓу европските претставници расте верувањето дека повеќе не преговараат со класичната американска администрација, туку со политика што зависи од волјата на еден човек. Еден функционер од јужна Европа изјави за WSJ дека сојузниците на Вашингтон не се занимаваат со администрацијата, туку со „една, неурамнотежена личност“.
Макрон, како што е наведено, го повтори ставот што го застапуваше со години – дека Европа мора да ја намали својата зависност од САД, не само во воена, туку и во технолошка, економска и политичка смисла.
Според американскиот весник, оваа порака повеќе не е само француска иницијатива за „стратешка автономија“, туку сè пошироко прифатена проценка дека трансатлантските односи се во фаза на длабоки и трајни промени./Извор:Makfax


